понеделник, 26 јануари 2026

Операција на Интерпол против трговија со луѓе: Уапсени над 3.700 осомничени

Светска операција против трговијата со луѓе доведе до апсење на повеќе од 3.700 осомничени и обезбеди заштита на повеќе од 4.400 потенцијални жртви, објави во понеделник Интерпол, кој ја координираше операцијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Операцијата, наречена Либертера III, се одржа од 10 до 21 ноември 2025 година во 119 земји, а во неа учествуваа повеќе од 14.000 припадници за спроведување на законот, соопшти меѓународната организација за криминалистичка полиција со седиште во Лион.

Според првичните извештаи од земјите учеснички, приведени се 3.744 осомничени, од кои повеќе од 1.800 се за кривични дела поврзани со трговија со луѓе и шверц на мигранти. Отворени се повеќе од 720 нови истраги, од кои многу сè уште се во тек.

„Овие криминални групи се многу отпорни и брзо се адаптираат, па затоа органите за спроведување на законот мора да го сторат истото“, изјави на прес-конференција директорот на Интерпол за организиран и нов криминал, Дејвид Кантер.

Операцијата овозможи заштита на 4.414 потенцијални жртви на трговија со луѓе и откривање на 12.992 мигранти во нерегуларна ситуација. Случаите што вклучуваат јужноамерикански и азиски жртви во Африка укажуваат на промени во динамиката на трговијата со луѓе, што отстапува од минатите модели во кои жртвите беа претежно од Африка и испраќани во странство.

Иако сексуалната експлоатација е сè уште најчесто пријавувана, Интерпол предупредува на зголемување на принудната работа и криминалот, вклучително и случаи на домашно ропство и трговија со органи. Меѓу идентификуваните жртви се деца кои работеле во фабрика за стакло во Белизе, млада девојка продадена на 73-годишен маж во Ел Салвадор и осумгодишно момче киднапирано во Мозамбик за трговија со органи.

Маж познат по прекарот Ел Гордо бил уапсен во Костарика, осомничен за принудување на малолетници да снимаат сексуална содржина. Во Бразил е разбиена транснационална мрежа на шверцери на мигранти поврзани со Пакистан, Авганистан, Мексико и САД, додека во Перу е откриена група што нелегално префрлала венецуелски мигранти во Чиле.

Во Азија, биле спроведени операции против наводни центри за интернет измами, вклучително и затворање на комплекс во Мјанмар во кој биле сместени околу 450 луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ