Во извештајот се вели дека загадувањето од пестициди, пластика и електронски отпад предизвикува широко распространето прекршување на човековите права, како и најмалку 9 милиони предвремени смртни случаи годишно, и дека ова прашање во голема мера се занемарува, вели Ројтерс.
Пандемијата на коронавирусот предизвика близу 5,9 милиони смртни случаи, според агрегаторот на податоци Ворлдометер.
„Сегашните пристапи во справувањето со ризиците од загадувањето и токсичните материи очигледно не успеваат, што резултира со широко распространето прекршување на правото на чиста, здрава и одржлива животна средина“, заклучува авторот на извештајот, специјалниот известувач на ОН Дејвид Бојд.
Документот треба следниот месец да биде претставен пред Советот за човекови права на ОН, кој ја прогласи чистата животна средина за човеково право, а во вторникот беше објавен на веб-страницата на Советот.
Во него се бара забрана на полифлуороалкил и перфлуороалкил, вештачки супстанции што се користат во производите за домаќинството, како што се нелепливи садови за готвење, кои се поврзуваат со болеста канцер и се наречени „вечни хемикалии“ бидејќи не се распаѓаат лесно.
Исто така, се препорачува чистење на загадените места и, во екстремни случаи, можни преселби на погодените заедници – од кои голем дел се сиромашни, маргинализирани и домородни – од таканаречените „жртвени зони“.
Тој термин, првично користен за опишување на зоните за нуклеарни тестирања, во извештајот е проширен и го вклучува секое високозагадено место или место што станало неповолно за живеење поради климатските промени.
Шефицата на ОН за права, Мишел Бачелет, ги нарече еколошките закани најголем глобален предизвик за правата, а сѐ поголем број судски случаи на климатска и еколошка правда успешно се повикуваат на човековите права, вели Ројтерс.






