понеделник, 8 декември 2025

ОН загрижени за опстанокот на Појасот Газа: Сериозни сомнежи за способноста да се обнови како место за живеење

Опстанокот на Појасот Газа е доведен во прашање, предупредија ОН во денешниот извештај, повикувајќи ја меѓународната заедница да развие „сеопфатен план за закрепнување“ и да интервенира без одложување и на координиран начин.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Израелските воени операции во Газа „ги компромитираа сите столбови на опстанок“, од храна и засолниште до здравствена заштита, „го поткопаа управувањето и ја турнаа“ палестинската територија „во вештачки создадена бездна“, се вели во извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД).

„Со оглед на немилосрдното и систематско уништување што го претрпе, постојат сериозни сомнежи за способноста на територијата на Појасот Газа да се обнови како место за живеење и општество“, се додава во извештајот.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот што го започна палестинското исламистичко движење Хамас против Израел на 7 октомври 2023 година. Тогаш загинале 1.221 Израелец, според податоците на Франс прес засновани на официјални информации.

Повеќе од 69.756 Палестинци се убиени во израелската воена кампања за одмазда, според податоците на Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас.

Овие податоци, кои ОН ги смета за веродостојни, не го наведуваат бројот на убиени борци, но укажуваат дека повеќе од половина од загинатите се деца и жени.

Според извештајот на УНКТАД, израелските воени операции ја турнаа Газа „од состојба на неразвиеност до состојба на целосна пропаст“.

ОН проценува дека за обновување на палестинската територија ќе бидат потребни околу 70 милијарди долари.

„Дури и во оптимистичко сценарио, во кое растот достигнува двоцифрена бројка и пристигнува странска помош, ќе бидат потребни неколку децении Газа да го врати квалитетот на живот што го имаше пред октомври 2023 година“, се нагласува во извештајот.

УНКТАД повикува на спроведување на „сеопфатен план за закрепнување“ што комбинира „координирана меѓународна помош, враќање на фискалните трансфери“ од Израел во Газа, како и мерки за ублажување на ограничувањата за трговија, патувања и инвестиции.

Агенцијата на ОН повикува на воспоставување, во оваа рамка, на универзален основен приход во Газа за да се обезбеди егзистенција на сите жители, во форма на „обновлива и безусловна“ програма за парична помош што ќе се исплаќа месечно.

УНКТАД забележува дека на окупираниот Западен Брег, „насилството, брзата експанзија на населбите и ограничувањата на мобилноста на работната сила“ се одговорни за најлошиот економски пад откако агенцијата почна да води евиденција во 1972 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ