Најмалку 100.000 луѓе во Украина биле принудени да ги напуштат своите домови откако Русија вчера ја започна инвазијата, а неколку илјади луѓе веќе побегнале во соседните земји како Молдавија, Романија и Полска, изјави портпаролката на Агенцијата за бегалци на ОН, Шабија Манту.
„На пример, меѓу 1 и 3 милиони би можеле да дојдат во Полска, а сценариото што ги вклучува сите други земји е од 1 до 5 милиони“, рече Манту на брифингот на ОН во Женева.
Денеска, украинската престолнина Киев беше ракетирана додека руските сили продолжуваат да напредуваат. Сирени за воздушни напади можеле да се слушнат во тримилионскиот град. Некои граѓани се засолниле во станиците на подземната железница.
„Додека разговараме, имаше големи напади во Киев кои предизвикаа голем страв и паника кај граѓаните, а семејствата се многу исплашени и со своите деца одат во станиците на подземната железница и засолништа. Ова е застрашувачки момент за децата ширум земјата“, рече на брифинг Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
„Сè уште се обидуваме да утврдиме која цивилна инфраструктура е погодена во Украина и каде“, рече таа.
Кан, исто така, рече дека УНИЦЕФ се фокусира на финансиска помош за семејствата. Таа рече и дека ефектот од западните санкции, кои се применуваат на Русија, ќе се анализира во однос на системот за помош.
Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Равина Шамдасани, изјави дека во Украина биле пријавени најмалку 127 цивилни жртви, 25 убиени и 102 повредени, „предизвикано од гранатирање и воздушни напади“. Таа истакна дека податоците веројатно се значително потценети.
Јарно Хабихт, претставник на СЗО во Украина, преку видео се обратил од Киев и вели дека нема извештаи од болниците, но дека се обидува да ги следи жртвите и потребите за помош.
Приоритет е помош на повредените како и менталното здравје и психолошката помош, рече тој.






