недела, 7 декември 2025

ОН: Минатата година 50.000 жени биле убиени од некој близок

Околу 50.000 жени и девојки биле убиени од некој близок минатата година, соопшти синоќа ОН, осудувајќи го недостатокот на „вистински напредок“ во борбата против фемицидот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Минатата година, 83.000 жени и девојки биле намерно убиени низ целиот свет. Од тој број, 60 проценти биле убиени од партнер или член на семејството. Тоа значи дека околу 50.000 жени биле убиени од некој близок, што значи 137 дневно или една на секои десет минути, според извештајот, објавен по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Оваа проценка, врз основа на анализа на статистиката од 117 земји, е пониска од бројките за 2023 година (51.100), но „оваа промена не укажува на вистински пад“, се вели во извештајот, припишувајќи ја разликата на разликите во достапноста на податоците во различни земји.

Двете агенции на ОН кои стојат зад извештајот, ОН Жени и Канцеларијата на ОН против дрога и криминал, жалат поради фактот дека бројките „остануваат непроменети, и покрај годините обврски преземени на глобално ниво“.

Фемицидот продолжува да биде причина за смртта на десетици илјади жени ширум светот „без знаци на сериозно подобрување“, а „домот останува најопасното место за жените и девојките во смисла на убиство“. Иако жените сочинуваат 20 проценти од жртвите на убиства во светот во 2024 година, 60 проценти од нив се убиени во приватна сфера, додека само 11 проценти од убиствата на мажи се извршени во тој контекст.

Иако ниеден регион во светот не е поштеден, најголем број жртви на фемицид од блиско лице е забележан во Африка, околу 22.000. Во извештајот се истакнува дека развојот на одредени технологии ги влошил или дури создал нови форми на насилство врз жените, како што се откривањето слики и лични податоци и објавувањето на „дипфејк“ видеа генерирани од вештачка интелигенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ