Во болниците во моментов има 2.048 пациенти со коронавирусот, четвртина помалку од пред една недела, а бројот на починатите исто така се намалува – во средата се регистрирани 18. Според најновите податоци на чешкото Министерство за здравство, со тестовите се откриени 11.542 новозаразени со коронавирусот, што е за 50% повеќе отколку пред една недела, а меѓу нив има 1.420 за кои постои сомневање дека се реинфицирани.
Според здравствените статистики од лабораториите, околу 50 отсто од новозаразените луѓе во Чешка се со сојот омикрон.
„Овој бран на мутацијата омикрон ќе биде многу брз, ќе кулминира за многу кратко време, можеби и со многу висок репродуктивен број, но потоа многу брзо ќе опадне. Никој не може да даде конкретни бројки во овој момент. Зависи и од тоа колку ќе тестираме. Но може да има десетици илјади новозаразени, за период од една недела и околу 200.000“, изјави директорот на Институтот за статистика и информации во здравството Ладислав Душек за чешкиот јавен радио сервис Радиожурнал.
Од вкупно 2.048 пациенти, во болниците во тешка состојба се 378, што е најниско во последните два месеци. За разлика од ноември и декември, кога црните бројки на починати надминуваа многу над 100 луѓе дневно, во средата беа пријавени 18 смртни случаи, со што вкупниот број на починати во пандемијата во Чешка се искачи на 36.765.
Душек и чешките експерти веруваат дека покрај послабите симптоми на ковид-19 кај сојот омикрон и фактот што здравствениот систем не е преоптоварен, треба да се заблагодариме и за фактот што сепак повеќето Чеси, 6,7 милиони од вкупно 10,7 милиони, се вакцинирани, а меѓу нив три милиони примиле трета доза вакцина.
Во соседна Полска, која има 38 милиони жители, во моментов расте бројот на новозаразените, но не до рекордни висини, бидејќи во последните 24 часа, според портпаролот на полската влада, Пјотр Милер, се откриени 16.878 новозаразени. Но бројките на загинатите се алармантни, бидејќи во последните седум дена надминуваат и 600 лица, додека во последните 24 часа починале 481 заболен од ковид.
Во полските болници во моментов има 16.307 пациенти со ковид, од кои 1.654 се во тешка состојба, на респиратор.






