„Овој 24 февруари е ужасен ден за Украина и црн ден за Европа“, рече германскиот канцелар, истакнувајќи дека нема никакво оправдување за „Путиновата војна“.
Германија и нејзините меѓународни сојузници денеска ќе се договорат за дополнителни остри санкции против Русија, рече Шолц.
„Целта на санкциите е да му се стави јасно на знаење на руското водство: плаќаат горчлива цена за оваа агресија“, додаде тој.
„Времето ќе покаже: Путин направи сериозна грешка со оваа војна“, рече германскиот канцелар.
Германскиот канцелар го окарактеризира рускиот напад врз Украина во четвртокот наутро како еклатантна повреда на меѓународното право, и во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази солидарност од Германија.
„Германија силно го осудува овој безобѕирен чин на претседателот Путин“, напиша Шолц на Твитер, повикувајќи на итен прекин на огнот од Русија.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок закажа состанок на кризниот стожер, а претходно министерството за надворешни работи ги повика германските државјани кои престојуваат во Украина што поскоро да ја напуштат земјата.






