Истражувањето на Универзитетот во Оксфорд започна минатиот април, три месеци откако Велика Британија стана првата земја што одобри испитување на ковид-19 на луѓе.
Неговата прва фаза, која сè уште е во тек, се фокусира на откривање на количеството на вирусот потребно за да предизвика инфекција, додека втората ќе има цел да го одреди имунолошкиот одговор потребен за да се спречи инфекцијата, се вели во соопштението на Универзитетот.
Научниците се блиску до утврдување на најслабата можна инфекција со вирусот, која гарантира дека околу половина од луѓето изложени на него ќе добијат асимптоматски или благ ковид-19.
Тие потоа планираат да ги изложат доброволците, сите претходно природно заразени или вакцинирани, на таа доза од оригиналниот сој на вирусот за да одредат кои нивоа на антитела или имунолошки Т-клетки се потребни за да се спречи инфекцијата.
„Тоа е имунолошки одговор што треба да го зајакнеме со новата вакцина“, рече Хелен Мекшејн, професорка на Универзитетот Оксфорд, која ја води студијата.
Наодите од истражувањето ќе помогнат идниот развој на вакцините да стане многу побрз и поефикасен, се вели во соопштението.
Имунолозите низ целиот свет се обидуваат точно да го одредат нивото на имунолошки одговор што вакцината мора да го предизвика за да се заштити од болести.
Откако ќе се открие ова ниво, потребата за масовно испитување на вакцините ќе биде значително намалена.
Научниците со децении користат испитувања на луѓе за да развијат третмани против многу заразни болести, но ова е прва позната студија за ковид-19.
Негативната страна на истражувањето е ризикот по здравјето на волонтерите што страдаат од коронавирусна болест, но универзитетот ги презема сите мерки на претпазливост.
Испитаниците мора да бидат здрави и на возраст од 18 до 30 години.
Тие ќе бидат во карантин најмалку 17 дена, а секој кај кои ќе се појават симптоми ќе го добијат лекот на Регенерон – моноклонални антитела ронапреве.






