Охана предупреди дека признавањето на палестинска држава „го наградува Хамас“ и дека тоа нема да донесе стабилност, коегзистенција и соработка, туку само ќе предизвика понатамошно насилство, пишува Џерусалем пост.
„Ако сакате она што го нарекувате палестинска држава, изградете ја во Лондон, во Париз, во вашите земји“, рече Охана, нагласувајќи дека ваквите потези водат само до убивање на Израелци и Евреи.
Неговиот говор предизвика протести од претставници на Иран, Јемен и Палестинската управа, кои ја напуштија салата додека Охана зборуваше, минувајќи пред говорницата.
За време на својот говор, Охана покажа видео од иранскиот парламент на кое се гледаат ирански пратеници како скандираат „Смрт за Израел, смрт за Америка“ по донесувањето на закон за прекинување на врските со Меѓународната агенција за атомска енергија.
„Ова не е видео од подземна терористичка ќелија. Ова е официјалниот парламент на Исламската Република Иран кој отворено повикува на уништување на две суверени држави“, рече Охана.
Тој исто така го осуди претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, кој, за време на својот говор на конференцијата, покажа фотографија од весникот „Њујорк тајмс“ на која се гледа изгладнето дете во Газа.
Израел подоцна изјави дека детето имало церебрална парализа, а Њујорк тајмс ја измени статијата за да ја додаде таа информација.
„Дури и Њујорк тајмс денес го призна тоа. Но, Галибаф ќе се фати за секоја клевета што лажните медиуми ќе му ја предадат. Срам да ви е“, рече Охана.
Охана, исто така, во својот говор апелираше за враќање на заложниците, истакнувајќи дека Хамас во моментов држи 50 израелски граѓани како заложници.
„Изгладнети се, мачени, се плашат, сами се, во мрачните тунели на Газа. Ве молам да се залагате за вистината пред пропагандата, совеста пред практичноста. Застанете на вистинската страна на историјата – нашата страна“, заклучи Охана.






