петок, 12 декември 2025

Објавено е ново видео од падот на американскиот „невидлив“ авион (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за борбениот авион Ф-35Ц, еден од најмодерните „невидливи“ борбени авиони во светот, кој при рутинска операција се сруши на носачот на авиони, се лизна и падна во морето. Пилотот се спаси со исфрлање на седиштето, изјавија претставници на морнарицата. Во инцидентот се повредени пилотот и шесте членови на екипажот на американскиот носач на авиони.

Новата снимка покажува како Ф-35Ц се приближува до носачот додека во позадина се слуша гласот на контролорот на лет кој му вели на пилотот да се откаже од слетувањето. Сепак, Ф-35Ц удира во палубата, се лизга и паѓа од носачот во морето. Некои делови од авионот отпаднале, а се гледа и дека се запалил.

Претходно се појави видео на кое се гледа како авионот плута на површината на морето пред да потоне. Американската воена морнарица претходно најави дека ќе се обиде да го подигне авионот од морското дно, пред се поради фактот што содржи доверлива технологија. Но, аналитичарите велат дека станува збор за исклучително сложена операција, која според нив ќе биде под специјален надзор на Кина.

Иако морнарицата не соопшти точно каде се случила несреќата во Јужното Кинеско Море, Пекинг тврди дека целото Јужно Кинеско Море (околу 3,3 милиони квадратни километри) му припаѓа на кинеската територија, а своите тврдења ги поткрепи со изградба на серија воени бази на островите во тоа море. Покрај тоа, кинеската воена морнарица и крајбрежната стража неуморно патролираат во водите на Јужното Кинеско Море.

Соединетите Држави не се согласуваат со тврдењата на Кина за територијалноста на Јужното Кинеско Море и користат маневри и операции како што е она што го вклучува носачот на авиони Карл Винсон за да ја промовираат сопствената теза за „слободна и отворена индо-пацифичка област“.

Кинеската влада официјално не ја коментираше несреќата, а државните медиуми јавуваат за неа повикувајќи се на странски медиуми. Но, аналитичарите интервјуирани од Си-ен-ен се уверени дека Кинезите ќе сакаат да го погледнат потонатиот Ф-35Ц.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ