Иницијативата предводена од САД собра 93 гласа за, додека 24 земји гласаа против, а 58 земји беа воздржани. За суспендирање на Русија од 47-члениот Совет за човекови права, со седиште во Женева, беше потребно двотретинско мнозинство од членовите со право на глас во Генералното собрание во Њујорк од 193 члена – воздржаните не се бројат.
Ваквите исфрлања се ретки, вели Ројтерс. Либија беше суспендирана во 2011 година поради насилство врз демонстрантите од страна на силите лојални на тогашниот лидер Моамер Гадафи.
Ова беше трета резолуција усвоена од 193-членото Генерално собрание откако Русија ја нападна соседна Украина на 24 февруари. Двете претходни резолуции на Генералното собрание со кои се осудува Русија беа усвоени со 141 и 140 гласа „за“.
Во резолуцијата усвоена денеска се изразува „голема загриженост за тековната хуманитарна криза и кризата со човековите права во Украина“, особено поради извештаите за кршење на правата од страна на Русија.
Русија ги предупреди земјите дека гласањето за или воздржано ќе се смета за „непријателски гест“ со последици за билатералните врски, се вели во забелешката што ја видел Ројтерс.
Ова на Русија ѝ беше втора година од тригодишниот мандат во Советот со седиште во Женева, кој не може да носи правно обврзувачки одлуки. Меѓутоа, неговите одлуки испраќаат важни политички пораки и може да одобрува истраги.
Москва е еден од најгласните членови на Советот и нејзината суспензија ѝ забранува да зборува и да гласа, велат функционерите, иако нејзините дипломати сè уште би можеле да присуствуваат на дебатите. „Тие веројатно сè уште ќе се обидуваат да влијаат на Советот преку посредници“, рече дипломат од Женева.
Минатиот месец Советот отвори истрага за наводите за кршења на правата, вклучително и можни воени злосторства во Украина по рускиот напад.






