среда, 1 април 2026

ОАЕ сакаат насилно да го отворат Ормускиот теснец, се подготвуваат за војна

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се подготвуваат да им помогнат на САД и сојузниците со сила да го отворат Ормускиот теснец, со што ќе станат првата држава од Персискиот Залив што директно ќе влезе во војна откако беше цел на ирански напади, објави Волстрит џурнал.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според арапски претставници, ОАЕ лобираат за резолуција на Советот за безбедност на ОН што би дозволила таква акција. Емиратските дипломати ги повикаа САД и воените сили од Европа и Азија да формираат коалиција која со сила ќе го отвори теснецот.

Функционер на ОАЕ изјави за Волстрит џурнал дека режимот во Техеран верува дека се бори за сопствен опстанок и е подготвен да ја загрози глобалната економија со блокирање на теснецот. Тој додаде дека ОАЕ разгледуваат специфични воени улоги, вклучително и учество во чистењето на поморските мини и обезбедување логистичка поддршка.

Според истите извори, ОАЕ веруваат дека САД треба да ги заземат стратешките острови во теснецот, вклучувајќи го и Абу Муса, кој Иран го контролира половина век, а кој го присвојуваат и ОАЕ. Министерството за надворешни работи на ОАЕ нагласи дека постои „широк глобален консензус дека слободата на пловидба во Ормускиот теснец мора да се зачува“.

Саудиска Арабија и другите заливски земји исто така сè повеќе му го вртат грбот на Иран и сакаат војната да трае сè додека режимот не биде ослабен или соборен, иако засега не испраќаат војници, според Волстрит џурнал. Бахреин, близок сојузник на САД кој е домаќин на Петтата флота на американската морнарица, спонзорира резолуција во ОН за која би можело да се гласа веќе оваа недела.

Пресвртот на ОАЕ претставува значајна промена во стратегијата, велат регионалните претставници. Дубаи со години е финансиски центар кој соработува, барем делумно, со Иран, а Емиратите се обидоа да посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран пред војната.

Волстрит џурнал претходно објави дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да ја заврши војната без повторно отворање на Ормускиот теснец, оставајќи ја таа задача на други земји.

Влегувањето на ОАЕ во војната носи сериозни ризици. Таквиот потег би можел долгорочно да ги влоши односите со Иран, дури и по завршувањето на конфликтот.

Иран веќе ги засили нападите врз ОАЕ. Во последните денови, лансираше речиси 50 балистички и крстосувачки ракети и дронови, а вкупно речиси 2.500 ракети и дронови биле истрелани врз Емиратите, повеќе отколку врз која било друга земја, вклучително и Израел, според Волстрит џурнал.

Техеран се закани дека ќе ја уништи клучната цивилна инфраструктура на која било заливска земја што поддржува операции против него.

„Тие би можеле да се вклучат во војна само за да се соочат со уште поагресивен Иран, да продолжат да трпат напади врз критичната инфраструктура и потенцијално да ја изгубат довербата на инвеститорите“, рече Елизабет Дент од Вашингтонскиот институт.

Иранските напади веќе ја погодија економијата на ОАЕ. Воздушниот сообраќај и туризмот се намалени, пазарот на недвижности е погоден, а имаше и отпуштања на работнци. Ова го доведе во прашање клучниот адут на ОАЕ – имиџот на стабилна и безбедна оаза во нестабилен регион.

Како одговор, властите воведоа построги мерки, вклучително и забрана за влез за ирански граѓани и затворање на иранските институции во Дубаи.

Ормускиот теснец е клучен за извоз на нафта и снабдување со енергија, а ОАЕ верува дека со одобрение од ОН, земјите од Европа и Азија би биле подготвени да учествуваат во неговото повторно отворање.

Сепак, постои можност Русија и Кина да стават вето на таквата резолуција, додека Франција предлага алтернативно решение. Дури и без одобрение од ОН, ОАЕ се подготвени да учествуваат во воена операција, велат официјални лица.

Сепак, Иран инсистира на трајна контрола над теснецот, вклучително и систем на наплата за премин, што предизвикува загриженост кај земјите од Заливот.

Воените аналитичари предупредуваат дека не е јасно дали со воена акција воопшто може да се отвори теснецот. Таквата операција би барала контрола не само на водниот пат, туку и на околното земјиште, евентуално со вклучување на копнени сили.

„Мислам дека не можеме да го направиме тоа. На Иран му е потребно да ја задржи заканата над теснецот – еден дрон, една мина или мал „чамец самоубиец““, рече американскиот конгресмен Адам Смит. Сепак, некои заливски земји го сметаат ризикот за прифатлив со оглед на стратешката важност на рутата.

Учеството на ОАЕ би отворило дополнителни оперативни можности, вклучително и заштита на бродови и напади врз ирански цели, според Волстрит џурнал. Земјата располага со воени бази, пристаништето Џебел Али и стратешка позиција во близина на влезот во Ормускиот теснец, што ги прави клучни за евентуална операција предводена од САД.

ОАЕ имаат и модерни воздухопловни сили со американски борбени авиони Ф-16, како и беспилотни летала и залихи на оружје што би можеле да им помогнат на сојузниците. „Близината на теснецот овозможува распоредување на разни платформи за заштита на навигацијата и напад врз ирански цели од другата страна на Заливот“, рече Грант Рамли од Вашингтонскиот институт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ