недела, 1 февруари 2026

Ново судење на Навални, му се заканува казна од 10 години затвор

Објавено на

часот

Сподели

Против Навални се поднесени нови обвинувања за измама, јавува Би-би-си. Тој веќе една година е зад решетки, откако преживеа наводен напад со труење за кој го обвинува Кремљ.

Со новите обвиненија се терети за кражба на 4,7 милиони долари од донации дадени на неговите политички организации.

По новото судење може да се случи казната да му биде продолжена на повеќе од 10 години.

45-годишниот Навални беше уапсен кога се врати во Русија во јануари 2021 година, по лекувањето во Германија, откако му се слоши на лет во Сибир.

Во месеците кои следеа беше притворен на три и пол години за кршење на условната казна во случај на проневера. Навални инсистираше дека обвиненијата против него се политички мотивирани, и дека не можел да ги исполни условите на условната казна бидејќи одредено време бил во кома.

Неговата сопруга Јулија Навални присуствуваше на сослушувањето во затворот во Покров, откако ден претходно побарала пристап до процесот зад затворени врати.

Блискиот колега на Навални Леонид Волков на Твитер напиша дека, за промена, Навални за време на судењето не бил во вообичаениот „кафез“. Тоа е поради тоа што целата судница е кафез, бидејќи се наоѓа во затворот, напиша тој.

Амнести интернешнал го опиша судењето како „симулација на судење, на кое, наместо медиуми, присуствувале затворски чувари“.

„Очигледно е дека руските власти намераваат да се осигурат дека Навални во скоро време нема да го напушти затворот“, се наведува во соопштението.

Навални ја предводеше фондацијата за борба против корупцијата ФБК која укажуваше на корупцијата во Единствена Русија на претседателот Владимир Путин. Против десетици вработени во неговата фондација се поднесени кривични пријави, а многу негови соработници ја напуштија Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ