Русија во вторникот најави делумно повлекување на своите сили во близина на границата со Украина, но Западот во средата предупреди дека руското воено присуство не се намалува, туку расте. Москва продолжува да негира дека планира инвазија на Украина.
Ројтерс не можел независно да ги потврди снимките објавени од американската компанија Максар технолоџис, која со недели го следи трупањето на руските сили. Снимките покажуваат локации во Белорусија, западна Русија и анектираниот Крим од понеделникот, вторникот и средата.
Русија објави снимки од Крим на кои се гледа повлекување на тенкови и воена опрема, а Максар снимил оклопни возила поставени на железничката станица во Јевпаторија што можеби се подготвуваат за тргнување назад.
Но војници и опрема сè уште се распоредени на други места на полуостровот, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година, вклучително и областа за обука Опук, езерото Донузслав и Новоозерноје, тврди компанијата.
Во Белорусија, каде што Русија одржува големи воени вежби, Максар посочи на нов воен понтонски мост преку реката Припјат на помалку од шест километри од границата со Украина и на голема теренска болница во зоната за обука.
Нова единица од речиси 20 јуришни хеликоптери е распоредена на аеродром во Белорусија, но големите копнени единици што до неодамна беа распоредени таму си заминаа, рече Максар.
Војници и оклопна опрема сè уште се распоредени на други места. Поголем дел од опремата и сместувачките капацитети лоцирани во близина на Речице во југоисточна Белорусија сега ги нема, рекоа тие, додавајќи дека е забележан воен конвој што се движи кон запад.






