Двете земји ги продолжија преговорите овој месец во обид да го решат долгогодишниот конфликт околу нуклеарната програма на Иран, за која Вашингтон, другите западни земји и Израел веруваат дека е насочена кон развој на нуклеарно оружје. Техеран го негира ова.
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе одржат индиректни преговори со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, изјави американски функционер за Ројтерс. Разговорите следат по средбите од минатата недела во Женева, на кои ќе посредува министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.
Американскиот претседател Доналд Трамп, накратко ја спомена можноста за напад на Иран во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторникот, велејќи дека се залага за дипломатско решение, но нема да дозволи Техеран да има нуклеарно оружје. Вчера, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, дополнително го нагласи ставот на Трамп. „Иран не може да има нуклеарно оружје“, рече Венс во интервју за Фокс њуз.
Соединетите Американски Држави собираат голема воена сила на Блискиот Исток, поттикнувајќи стравувања од поширок регионален конфликт. Во јуни минатата година, САД му се придружија на Израел во нападите врз иранските нуклеарни објекти. Иран се закани со силна одмазда во случај на уште еден напад.
Трамп на 19 февруари изјави дека Иран мора да постигне договор во рок од 10 до 15 дена, предупредувајќи дека во спротивно „ќе се случат навистина лоши работи“.
Аракчи во вторникот изјави дека Иран сака праведен и брз договор, но повтори дека нема да се откаже од своето право на мирнодопска нуклеарна технологија. Вашингтон го гледа збогатувањето на ураниумот на Иран како можен пат до нуклеарно оружје. „Договорот е на дофат, но само ако дипломатијата добие приоритет“, рече Аракчи во објава на Икс.
Ројтерс објави во неделата дека Техеран нуди нови отстапки во замена за укинување на санкциите и признавање на правото за збогатување на ураниум, обидувајќи се да избегне американски напад. Но, двете страни остануваат длабоко поделени, дури и околу обемот и редоследот на ублажување на осакатувачките американски санкции, изјави за „Ројтерс“ висок ирански функционер.
Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи се соочува со најсериозната криза во своите 36 години на власт, додека економијата се бори под товарот на заострени санкции и обновени протести по широките немири и крвавата репресија во јануари.
Се очекува и шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, да биде во Женева за разговорите, каде што ќе одржи средби со двете страни, како што направи минатата недела.






