недела, 7 декември 2025

Новата премиерка на Јапонија вети забрзано зајакнување на војската и ревизија на безбедносната стратегија

Новата премиерка на Јапонија Санае Такаичи во својот прв голем политички говор синоќа вети дека ќе го забрза зајакнувањето на војската и инвестициите во националната одбрана и дека ќе се залага за ревизија на безбедносната стратегија на земјата – во услови на зголемени тензии со Кина, Северна Кореја и Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Такаичи ја презеде функцијата во вторник откако беше избрана за прва жена на лидерската позиција  во Јапонија.

Со овој потег заврши повеќемесечниот политички вакуум што настана по борбите за моќ во нејзината партија и серијата изборни порази поради кои владејачката коалиција го изгуби мнозинството во двата дома на парламентот.

Такаичи изјави дека нејзината влада ќе ја исполни својата годишна цел за трошоци за одбрана од 2 проценти од бруто домашниот производ, и да се постигне таа цел веќе во март, наместо до 2027 година, како што беше првично планирано.

Таа исто така рече дека ќе ја ревидира безбедносната стратегија порано, за да биде готова до крајот на 2026 година.

Јапонија претходно го правеше тоа отприлика еднаш на секои десет години, а последен пат ја ревидираше својата стратегија во декември 2022 година.

Според неа, причината за вонредната ревизија на стратегијата се промените во безбедносната средина на земјата, вклучувајќи ја руската инвазија на Украина и конфликтот на Блискиот Исток.

„Слободниот, отворен и стабилен меѓународен поредок на кој сме навикнати е сериозно потресен од историска промена во рамнотежата на моќта и интензивирање на геополитичката конкуренција“, изјави Такаичи пред парламентот.

Според неа, „во регионот околу Јапонија, воените активности и другите дејствија од страна на нашите соседи Кина, Северна Кореја и Русија предизвикуваат сериозна загриженост“ и „Јапонија мора проактивно да работи на фундаментално зајакнување на својата одбранбена моќ“.

Претседателот на САД Доналд Трамп ќе го посети Токио од 27 до 29 октомври.

Новата премиерка се соочува со тешки барања од Трамп, како што се зголемување на воените трошоци на Јапонија и пообемно купување на скапото американско оружје.

Нејзината средба со Трамп е дел од голем дипломатски тест што вклучува и два регионални самити.

Такаичи рече дека планира да разговара со Трамп за понатамошно зајакнување на јапонско-американскиот сојуз, а воедно и негување на личен однос на двете страни заснован на доверба.

Таа рече дека Јапонија треба да воспостави конструктивен и стабилен однос со Кина, но дека постојат „безбедносни грижи“.

Нејзините воинствени политики и ставови за воената историја на Јапонија, како и нејзините редовни посети на светилиштето Јасукуни, кое азиските жртви на злосторствата од јапонските колонијални времиња го гледаат како недостаток на каење, би можеле да ги поткопаат односите на Токио со Пекинг, велат експертите.

Надградбата на безбедносната стратегија би можела да вклучува поофанзивна улога на јапонската војска, понатамошно ублажување на ограничувањата за извоз на оружје и зголемување на воените трошоци, но Такаичи не прецизираше како планира да ги финансира.

За да ги постигне своите планови, на нејзината малцинска влада ѝ е потребна соработка со опозицијата.

Нејзина непосредна задача дома е да се справи со зголемувањето на цените и падот на платите и да ја врати поддршката на конзервативците.

Новиот владејачки сојуз на нејзината Либерално-демократска партија со десничарската Јапонска партија за иновации предизвикува загриженост за понатамошното свртување на Јапонија кон десно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ