недела, 7 декември 2025

Нов американски напад на Карибите, за прв пат пронајдени преживеани (ВИДЕО)

Американската војска изврши нов напад врз брод на Карибите за кој се сомневало дека транспортира дрога. Во овој инцидент, за разлика од претходните, пронајдени се преживеани членови на екипажот, потврди американски функционер за Ројтерс под услов да остане анонимен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој не даде дополнителни детали за инцидентот, освен што рече дека не е јасно дали нападот бил извршен со намера да има преживеани.

Овој развој на настаните покренува голем број нови прашања, како на пример дали американските сили им пружиле помош на преживеаните и дали тие сега се во американски воен притвор, потенцијално како воени заробеници, објавува Ројтерс.

Пентагон, кој лицата кои биле цел во нападите ги опиша како наркотерористи, не одговори веднаш на барањето за коментар.

Досега најмалку 27 лица се убиени во американските воени напади врз сомнителни бродови во близина на Венецуела. Овие напади предизвикаа загриженост кај правните експерти и демократските пратеници, кои ја преиспитуваат нивната усогласеност со законите на војната.

Видеата од претходните напади објавени од администрацијата на Трамп покажаа целосно уништени бродови, а досега немало извештаи за преживеани.

Администрацијата на Трамп ги оправда нападите тврдејќи дека САД веќе се во војна со венецуелските наркотерористички групи. Тие ги сметаат за неопходни бидејќи традиционалните методи, како што се апсење на екипажи и запленување товар, не успеаја да го спречат шверцот на дрога во САД.

Инцидентите се случуваат во време на се поголемо американско воено присуство во Карибите, кое вклучува разорувачи, борбени авиони Ф-35, нуклеарна подморница и околу 6.500 војници, додека претседателот Доналд Трамп го зголемува притисокот врз венецуелската влада.

Тензиите дополнително се зголемија откако Трамп во среда откри дека ја овластил ЦИА да спроведува тајни операции во Венецуела, поттикнувајќи шпекулации дека се обидува да го собори претседателот Николас Мадуро.

Поморските напади го поттикнаа амбасадорот на Венецуела во Обединетите нации, Самуел Монкада, да побара од Советот за безбедност да ги прогласи американските акции за нелегални и да го поддржи суверенитетот на неговата земја.

Загриженоста е зголемена од неочекуваните промени во американската воена команда. Пентагон неодамна објави дека операциите против наркотици во регионот повеќе нема да ги води Јужната команда, туку новоформирана работна група предводена од маринците.

Во четврток, министерот за одбрана Пит Хегсет потврди дека адмиралот Алвин Холси, началник на Јужната команда, се повлекува од должноста две години пред да му истече мандатот. Највисокиот демократ во Комитетот за вооружени сили на Сенатот, сенаторот Џек Рид, ја нарече неочекуваната оставка загрижувачка.

„Оставката на адмиралот Холси само ја продлабочува мојата загриженост дека оваа администрација ги игнорира тешко стекнатите лекции од минатите воени кампањи на САД и советите на нашите најискусни офицери“, рече Рид во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ