сабота, 31 јануари 2026

Норвешките новинари ги депримира работата од дома

Објавено на

часот

Сподели

Норвешките новинари не се воодушевени од наметнатата и насилно воведена институција, како што ја нарекуваат – домашна канцеларија. Работата од дома, благо речено, ја кочи толку потребната новинарска креативност. Велат, поради природата на работата и кодексите на професијата што ги обврзува на тоа, не им личи на луѓето од перото како бирократи и канцелариски чиновници да седат на кујнскиот шанк или длабоко завалени во фотелјата во дневната соба да трагаат од дома, да бркаат афери и скандали. Онлајн-новинарството ја ограничува волјата и желбата за истражување, а работата на лаптопи и компјутери во пижами или тренерки го понижува немирниот, ангажиран новинарски дух.

Истражувањето спроведено меѓу норвешките новинари за време на пандемијата на коронавирусот покажало вознемирувачки резултати: повеќето од интервјуираните новинари им посочиле на истражувачите дека чувствуваат ментални и физички здравствени проблеми поради работата во домашната канцеларија. Долгото работење од дома довело до различни симптоми и реакции, па интервјуираните новинари изјавиле дека страдаат од несоница, исцрпеност, па дури и депресија.

Во анкетата што ја спроведе Норвешката асоцијација на новинари (НЈЛ) меѓу своите членови, дури 69 отсто од нив одговориле дека им недостига близок контакт лице в лице и дека недостигот од интимност го намалува нивното задоволство од новинарството. Исто така, 57 отсто од испитаниците изјавиле дека недостигот од таков контакт многу им отежнува добро да си ја завршат работата, во согласност со очекувањата на редакцијата и публиката. Шеснаесет отсто од анкетираните новинари имале чувство на осаменост поради работата од дома. Авторите на истражувањето предупредуваат дека овие бројки се далеку поголеми кај хонорарците и фоторепортерите, меѓу кои постои тенденција кон поголеми психички тешкотии поради принуденоста да работат во домашни канцеларии.

„Бројките покажуваат вознемирувачки тренд. Нашите синдикални повереници мора да почнат дијалог со работодавците. На новинарите мора да им се обезбеди почест, директен контакт со шефовите, уредниците, претставниците на синдикатот и новинарските здруженија. Знаеме дека контактот и поддршката на колегите, раководителите на редакции, позитивно влијае на менталното здравје на новинарите“, вели Хеге Ирен Франсен, лидер на здружението на новинари.

Што се однесува на публиката, пак, испитувањата на јавното мислење преку чести медиумски барометри покажуваат дека граѓаните се задоволни од она што им се сервира да го прочитаат, видат и слушнат во Норвешка. Норвежаните повеќе им веруваат на старите, испробани медиуми отколку на социјалните мрежи – Фејсбук, Твитер, Тикток…

Според последната анкета на публиката, спроведена од истражувачката агенција „Кантар“, дури 86 отсто од испитаниците сметаат дека новинарите правилно, точно, веродостојно и вистинито известуваат и јавуваат за сѐ што се случува во врска со пандемијата на ковид-19. Само десет проценти веруваат во она што е објавено на социјалните платформи. Најголема доверба Норвежаните имаат во државната телевизија НРК. На јавниот сервис му веруваат 86 отсто од испитаниците. Државниот ТВ-канал е целосно политички непристрасен, а на него не се дозволени политички или комерцијални реклами.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ