понеделник, 22 декември 2025

Норвешка: Русија го зајакнува нуклеарниот арсенал на Арктикот

Русија го зајакнува своето воено присуство во база во Арктичкиот круг, распоредувајќи нуклеарно оружје насочено кон САД, предупреди норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Односите меѓу Москва и Западот нагло се влошија во февруари 2022 година, кога рускиот претседател Владимир Путин започна инвазија на Украина, предизвикувајќи ја најголемата војна во Европа од Втората светска војна. Тензиите дополнително се зголемија оваа недела откако американскиот претседател Трамп изјави дека не сака „залудна средба“ со Путин во Будимпешта бидејќи рускиот лидер ги отфрли барањата на САД и Европа за итен прекин на огнот. Трамп исто така воведе нов пакет санкции насочени кон руските нафтени гиганти Роснефт и Лукоил.

Во интервју за британскиот весник Дејли телеграф, Сандвик детално ги опиша воените активности на Русија. Зборувајќи за регионот на Русија во Арктичкиот круг, во близина на Финска, тој рече: „Русија се утврдува на полуостровот Кола… каде се наоѓа еден од најголемите арсенали на нуклеарни боеви глави во светот. Тие не се насочени само кон Норвешка, туку и кон Велика Британија и Канада и САД“.

Сандвик додаде: „Ние сме очите и ушите на НАТО во оваа област и ги гледаме како тестираат ново оружје, на пример хиперсонични ракети, и тестираат торпеда на нуклеарен погон и нуклеарни боеви глави.“

На полуостровот Кола, покрај нуклеарното оружје, Русија ја базира и својата Северна флота, основана во 1733 година. Сандвик тврди дека во случај на војна со НАТО, Русија веројатно би го таргетирала преминот Мечкин јаз, кој го дели островот Свалбард од копното на Норвешка, како и преминот ГИУК помеѓу Обединетото Кралство, Исланд и Гренланд.

„Путин треба да воспостави она што се нарекува одбрана на Бастионот. Тој треба да го контролира преминот Мечкин јаз за да се осигури дека може да ги користи своите подморници и Северната флота. И сака да им го одземе пристапот на сојузниците на НАТО до преминот ГИУК“, објасни тој.

Норвешкиот министер особено ја нагласи силата на руската морнарица и покрај загубите во Украина. „Иако Путин има тешки загуби во Украина – изгуби милион војници – Северната флота е недопрена. И тие ја развиваат“, рече Сандвик.

„Тие имаат нова фрегата и нова повеќенаменска подморница, развиени само во последните две години. Најголемата руска закана во моментов се нејзините подморници. Иако Русија не може да победи во Украина, заканата од нуклеарни боеви глави и можноста за втор удар од тука (полуостровот Кола) сè уште ги прави суперсила“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ