Нетанјаху рече дека кардиналот Пикабала, кој е поглавар на Католичката црква во Светата Земја, бил замолен да не влегува во црквата од загриженост за неговата безбедност и дека Иран постојано ги таргетирал светите места на Ерусалим со балистички ракети, објави Би-би-си.
Одлуката да се блокира влезот на кардиналот во најсветите места на христијанството беше критикувана од неколку западни земји.
I have instructed the relevant authorities that Cardinal Pierbattista Pizzaballa, the Latin Patriarch, be granted full and immediate access to the Church of the Holy Sepulchre in Jerusalem.
Over the past several days, Iran has repeatedly targeted the holy sites of all three…
— Benjamin Netanyahu – בנימין נתניהו (@netanyahu) March 29, 2026
Високата претставничка на Европската Унија Каја Калас исто така ја критикуваше одлуката. Таа вчера на мрежата Икс напиша дека одлуката на израелската полиција е „кршење на верската слобода и долгогодишната заштита на светите места“.
„Слободата на богослужба во Ерусалим мора да биде целосно загарантирана без исклучок за сите вери. Мултиверскиот карактер на Ерусалим мора да биде заштитен“, напиша Калас.
Израелската полиција исто така соопшти дека одобрила ограничени молитви во Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим на почетокот на Страсната седмица, по вчерашната забрана за пристап до светите места за свештениците и верниците поради заканата од иранската војна, објави АП.
Главните свети места за христијаните, Евреите и муслиманите во Стариот град на Ерусалим беа затворени за време на иранската војна од безбедносни причини. Порано овој месец, шрапнели од пресретната иранска ракета паднаа на покривот на неколку чекори од црквата, за која христијаните веруваат дека е местото каде што Исус бил распнат и каде воскреснал, потсети АП.
Кардиналот Пикабала и свештеникот Франческо Јелпо беа запрени вчера пред Црквата на Светиот Гроб, каде што имаа намера да одржат миса на христијанскиот празник Цветници, што го означува почетокот на Страсната седмица пред католичкиот Велигден.
Канцеларијата на Пикабала соопшти дека ова е прв пат по векови на латински патријарх да му биде одбиен влез на светото место на Цветници, кое го означува враќањето на Исус во Ерусалим и каде што се верува дека Исус бил погребан и воскреснал.
„Инцидентот претставува сериозен преседан и ги занемарува чувствата на милијарди луѓе ширум светот кои ќе гледаат кон Ерусалим оваа недела“, се вели во соопштението на латинската патријаршија.
„Оваа избрзана и фундаментално погрешна одлука, обележана со погрешно расудување, претставува екстремно отстапување од основните принципи на разумност, слободата на вероисповед и почитувањето на статус кво“, се додава во соопштението.
Патријаршијата изјави дека ги следела сите „наметнати ограничувања“ и дејствувала одговорно од почетокот на војната, додавајќи дека вчерашната одлука е очигледно „неразумна и крајно прекумерна мерка“.
Кардиналот Пикабала подоцна рече дека не сакал да притиска околу прашањето, дека не барале ништо јавно, само мала, приватна церемонија и дека сакаат да ја искористат оваа ситуација за подобро да разјаснат во наредните денови што да се прави кога станува збор за безбедноста на сите и кога станува збор за почитување на правото на молитва.
„За да ги заштити верниците, Израел побара од припадниците на сите вери привремено да се воздржат од богослужба на христијанските, муслиманските и еврејските свети места во Стариот град на Ерусалим. Денес, од особена загриженост за неговата безбедност, од кардиналот Пикабала е побарано да се воздржи од служење миса во Црквата на Светиот Гроб“, изјави Нетанјаху вчера на мрежата Икс.
Тој нагласи дека штом дознал за инцидентот со кардиналот Пикабало, им наредил на властите да му дозволат на патријархот да одржува служби како што сака.
Традиционалната поворка за Цветници во градот веќе беше откажана поради ограничувања за јавни собири.






