Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека е неверојатно сценариото според кое би избила „целосна војна“ меѓу неговата земја и Русија.
Меѓутоа, доколку почне „воена акција против Украина и ескалација на конфликтот“, неговата влада ќе воведе воена состојба, порача тој во големото обраќање до нацијата во вторникот.
Киев ја повикува Москва да помогне во решавањето на конфликтот преку дијалог во кој било формат, рече претседателот. Тој понатаму нагласи дека Украина мора да го брани својот суверенитет.
Украинскиот претседател изјави дека Министерството за надворешни работи на таа земја му испратило барање за прекин на дипломатските односи со Руската Федерација.
Тој, според Ројтерс, рече дека Киев верува дека нема да има војна против Украина и дека нема да има широка ескалација на конфликтот. Зеленски рече дека им е потребна итна помош кога станува збор за санкциите против Русија, наведува агенцијата.
Доколку има целосна инвазија, и другите земји ќе бидат во опасност, предупреди Зеленски.






