петок, 19 декември 2025

Неидентификувани дронови над четири аеродроми во Данска, по втор пат оваа недела (ВИДЕО)

Неидентификувани дронови беа забележани над четири аеродроми во Данска, поради што еден од нив беше затворен неколку часа, соопшти данската полиција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според данските медиуми, дронови биле забележани над аеродромите Есјберг, Скирдструп, Сендерборг и Алборг, при што вториот беше затворен за сообраќај. Алборг е град на северот од Данска.

Портпаролот на аеродромот Алборг одби да коментира за бројот на регистрирани дронови, но тамошната полиција потврди дека е забележан поголем број.

„Активностите на дроновите го нарушуваат нормалното работење на аеродромот во Алборг. Затоа, воздушниот сообраќај е затворен и сите летови, отсега до понатамошно известување, се откажани“, рече првиот човек на локалната полиција Јеспер Бојгард, додавајќи дека ситуацијата од нивна страна продолжува да се следи и контролира.

Полицијата исто така посочи дека останува отворено прашањето дали дроновите видени над Алборг се поврзани со оние видени пред два дена во Копенхаген.

Во понеделник вечерта, аеродромот во Копенхаген беше затворен речиси четири часа откако неидентификувани дронови беа забележани над пистата, соопшти данската полиција.

Според Ројтерс, сведоците опишаа како леталата имале вклучени светла и лебделе на височина што оневозможувала слетувања и полетувања, што укажува дека не ги управувал аматер, туку некој со сериозно знаење и опрема. Полицијата соопшти дека дроновите, според истражителите, биле контролирани од „вешт оператор“.

Сличен инцидент беше пријавен истиот ден во Осло, каде што сообраќајот на аеродромот беше прекинат три часа. Норвешките власти сè уште не ги поврзале двата случаи, но, според Ројтерс, тие се во постојан контакт со данските истражители додека истрагата за потеклото на дроновите продолжува.

Во изјава за националното радио, данската премиерка Мете Фредериксен за дроновите над аеродромот во Копенхаген рече дека станува збор за најсериозниот напад врз данската критична инфраструктура досега: „Тоа кажува нешто за времето во кое живееме и за што ние како општество треба да бидеме подготвени“.

„Отворени сме за сите опции кога станува збор за тоа кој стои зад ова. Не можам да ја исклучам можноста дека е Русија. И јасно е дека ова се вклопува во развојот на настаните што го видовме неодамна со други напади со дронови, кршење на воздушниот простор и сајбер напади врз европските аеродроми“, рече Фредериксен.

„Целта беше јасно да се наруши сообраќајот и да се создаде немир. Да се ​​создаде загриженост. Да се ​​види колку далеку може да се оди во тестирањето на границите. Видовме дронови над Полска кои не требаше да бидат таму, видовме активност во Романија, кршење на естонскиот воздушен простор, имавме хакерски напад врз европските аеродроми во текот на викендот, а сега и дронови во Данска и Норвешка“, заклучи данската премиерка.

Кремљ рече дека „нема докази“ за тврдењата за вмешаност на Русија во инцидентот и дека затоа „не ги сфаќа сериозно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ