недела, 15 март 2026

Навални од затвор: Го гледав говорот на Путин. Тој убива, а сега сака да убива уште повеќе

Објавено на

часот

Сподели

Освртот на Навални на вчерашната театрална седница на рускиот Совет за одбрана и последователното телевизиско обраќање на Путин објавено на официјалниот Твитер профил на рускиот опозициски лидер. Иако Навални во затворот нема пристап до интернет, се верува дека му диктирал на својот адвокат.

Зборовите на Алексеј Навални ги пренесуваме во целост.

„Вчера ја гледав „седницата на Советот за безбедност“, овој собир на сенилни крадци (ми се чини дека нашата Антикорупциска фондација истражуваше корупција кај секој од нив.) Размислував за ист таков состанок на сенилната номенклатура на Политбирото на Централниот комитет кои, на многу сличен начин, се замислуваа себе како геополитичари на „голема шаховска табла“ кога ја испратија советската армија во Авганистан“, започна Навални.

„Резултатот беше стотици илјади жртви, штети на цели нации, последици кои Авганистан не може ни ден денес да ги надмине, и создавање на една од главните причини за распадот на СССР. Тие морони од Политбирото се криеја зад дволичната идеологија. Оваа сенилна Путинова екипа воопшто нема идеологија, само постојани лаги, кои воопшто не се обидуваат да ги сокријат. Воопшто не се обидуваат да дадат никакво оправдување за започнување војна“, рече рускиот опозициски лидер.

„И на едните и на другите им требаше истата работа: да го одвлечат вниманието на рускиот народ од вистинските проблеми – развојот на економијата, растот на цените, владеењето на беззаконието – и да го префрлат во формат на „империјална хистерија“. Кога последен пат сте гледале вести на федералните телевизии? Тоа е единственото нешто што сега го гледам и, ве уверувам, на нив ВООПШТО НЕМА вести за Русија. Буквално. Од првата до последната вест сè е Украина, САД и Европа“, наведува Навални.

 „Самата пропаганда веќе не им е доволна на овие сенилни крадци. Сакаат крв. Сакаат да поместуваат фигурини на тенкови на воена карта. И така, шефот на Политбирото на 21 век одржа навистина налудничав говор. На Твитер дадоа најточна метафора: „Исто како дедо ми да се опие на семејна прослава и да ги нервира сите со своите приказни за тоа како всушност функционира светската политика“, напиша Навални.

„Би било смешно доколку пијаниот дедо не е 69-годишен маж кој владее со земја со нуклеарно оружје. Заменете ја „Украина“ со „Казахстан“, „Белорусија“, „балтичките земји“, „Азербејџан“, „Узбекистан“, и така натаму, вклучувајќи ја и „Финска“. И замислете каде се текот на геополитичките мисли на овој сенилен старец би можел да го однесе“, наведе затворениот опозиционер.

„Сето тоа заврши многу лошо во 1979 година. И сега ќе заврши исто толку лошо. Авганистан беше уништен, но и Советскиот Сојуз беше смртно ранет. Благодарение на Путин, стотици Украинци и Руси сега можат да загинат, а во иднина таа бројка може да достигне десетици илјади. Нема намера да дозволи Украина да се развие. Тој сака да ја вовлече во мочуриште, но Русија ќе ја плати истата цена“, рече Навални.

„Имаме сè што ни е потребно за силен развој во 21 век, од нафта до образовани граѓани, но повторно ќе губиме пари и ќе ја промашиме историската можност за нормален, богат живот, а за возврат ќе добиеме војна, нечистотија, лаги и палата во Геленџик со златни орли. Путин и неговите сенилни крадци од Советот за безбедност и Обединета Русија се главните непријатели на Русија, а не Украина и Западот. Путин убива и сака да убива уште повеќе“, рече Навални.

„Кремљ ве осиромашува, а не Вашингтон. Економската политика поради која пензионерите плаќаат двојно повисока цена за сет борш се креира во Москва, а не во Лондон. Да се бориш за Русија, да ја спасиш, значи да се бориш за отстранување на Путин и неговите клептократи од власт. Но, сега тоа значи и банално „да се бориш за мир“, заклучи Навални.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ