понеделник, 30 март 2026

НАТО има проблем – две членки не го забележале дронот што падна во Загреб

Објавено на

часот

Сподели

Според досегашните податоци дронот ТУ141 прелетал низ воздушниот простор на две членки на НАТО, без воопшто да биде забележан, и без да реагираат безбедносните системи.

Леталото одело со брзина од 700 километри на час на висина од 1.300 метри и ниеден систем за надзор на воздушниот простор не го забележал.

Во овој случај станувало збор за невооружен дрон, но прашањето е дали низ системот за контрола на воздушниот простор на НАТО незабележано би минале некој проектил или ракета.

Во момент кога членките на НАТО се на високо ниво на готовност поради војната во Украина, сосема е неверојатно дека се случил ваков пропуст.

Хрватска на својата територија има неколку радари ФПС 117. Соговорниците на Јутарњи лист, упатени во оваа тематика, тврдат дека тие радари не се во можност да лоцираат вакво летало.

Потсетуваат дека дронови во воздушните простори на Саудиска Арабија и други земји влегувале без каков било надзор.

Откриваат дека во овој момент всушност и нема преголема можност за радарско лоцирање на ваквите летала поради малата рефлексија и ниското летање. Наведуваат дека во овој случај веројатно дошло до откажување на системот за ситуациска свесност на леталото и тоа се изгубило и летало додека имало гориво.

Како што претходно потврди хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, дронот во воздушниот простор на Хрватска влегол од Унгарија, а според унгарскиот премиер Виктор Орбан, во Унгарија влегол од Романија.

Хрватската страна стапила во контакт со украинската влада да видат дали тие имаат податоци како леталото стигнало дури до Загреб.

„Се истражува дали станува збор за грешка или изгубена контрола. Леталото летало неколку минути над Хрватска и потоа се урнало во Загреб. Добро е што нема повредени, што паднало на дел кој не е станбен. Сите служби спроведуваат истрага и ќе се направат максимални напори за што побрзо да се утврдат причините за пристигнувањето, и потоа уривањето на леталото“, порача хрватскиот премиер.

Хрватскиот министер за море, сообраќај и инфраструктура Олег Бутковиќ кажа дека леталото го забележало Хрватската контрола за воздушен сообраќај и дека 3,5 минути дронот бил видлив на радар, како доаѓа од насока на североисток. Кажа и дека таа контрола го следи цивилното воздухопловство, па го упатил на војската.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ