Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека претставници на Алијансата, во координација со Вашингтон, испратиле барања до Москва, кои се однесуваат на односите на НАТО и Русија, европската безбедност и контролата на вооружувањето.
Во контекст на односите на НАТО и Русија Столтенберг кажа дека Русија ги прекинала дипломатските односи со Алијансата и дека дополнително го отежнува дијалогот.
„Би требало повторно да воспоставиме канцеларии во Москва и Брисел. Исто така, потребно е да се подобрат каналите на комуникација меѓу НАТО силите и руската војска за да ја промовираме транспарентноста на нашата работа, но и да ги намалиме ризиците. Русија треба да ги повлече своите сили од Украина, Грузија и Молдавија, каде се во моментов распоредени без согласност на овие земји“, кажа Столтенберг.
Кога станува збор за контролата на вооружувањето, генералниот секретар на НАТО истакна дека историјата покажала дека практичните мерки во оваа област можат да направат значителна разлика и да ги подобрат односите меѓу земјите.
„Предлагаме заеднички состаноци за вежбите и нуклеарната политика за која би се разговарало на Советот НАТО и Русија. Потребно е и да се модернизира Виенскиот договор за воена транспарентност и да се работи на намалувањето на сајбер заканите“, кажа Столтенберг.
Истакна и дека Русија и НАТО мора да спроведат сериозен разговор за контролата на вооружувањето.
„Сојузниците се спремни да одржат состанок што е можно побрзо. НАТО е одбранбен сојуз и ние не бараме конфронтација. Меѓутоа, не можеме и нема да правиме компромиси на принципите на кои се заснова нашата безбедност, безбедноста на Европа, но и на САД“, кажа Столтенберг.
Тој се осврна и на распоредувањето дополнителни трупи на НАТО на истокот на Европа и порача дека дипломатијата е приоритет, но дека сите земји мора да бидат спремни на најлошата опција.
На крајот Столтенберг порача дека не е тајна дека ставовите на Русија и Западот остануваат многу оддалечени.
„Политичкото решение е и понатаму возможно, но Русија мора да се ангажира и навистина да се потруди да ги смири тензиите. Ги дадовме своите предлози и спремни сме да ја слушнеме руската страна. Што се однесува до членството во НАТО на државите како Украина и Грузија, тука јасно порачавме дека не правиме компромиси. Тоа е основниот принцип на европската безбедност. Не сме наивни, што и да договориме со Русија во различни формати, тоа мора да биде избалансирано и целосно реципрочно“, заклучи Столтенберг.






