„САД се многу загрижени (…) поради ескалацијата во Јемен“, напиша во изјавата американскиот државен секретар Антони Блинкен, повикувајќи ги „сите страни во конфликтот да се смират, да го почитуваат хуманитарното право и целосно да се вклучат во сеопфатниот мировен процес под покровителство на ОН“.
Во петокот среде ноќ бомбардиран е затвор во Саади, упориште на хутите во северен Јемен. Најмалку 70 луѓе загинаа, а 138 се ранети, соопштија Лекари без граници, осудувајќи го „страшниот“ напад. Бунтовниците ја препишаа одговорноста за нападот на коалицијата предводена од Саудиска Арабија која од 2015 година им помага на јеменските владини сили во конфликтот со бунтовниците Хути поддржани од Иран.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се чини дека во изјавата од петокот ја потврди одговорноста на коалицијата осудувајќи ги „воздушните напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз затворот во Саади“.
„Воздушниот напад доаѓа само два дена по планираниот напад на хутите врз цивили во Абу Даби“, рече американскиот државен секретар, мислејќи на нападот со камион бомба изведен во понеделникот од бунтовници и во кој загинаа три лица во Обединетите Арапски Емирати, сојузник на САД.
Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија во денешно соопштение негираше дека гаѓала затвор управуван од бунтовници во Јемен.
Информациите за нападот на затворот во Саади, на север, се „неосновани“, се истакнува во соопштението на портпаролот на коалицијата, пренесува официјална саудиска новинска агенција. Коалицијата вчера ја презеде одговорноста за нападот врз Ходеида, на запад.
Коалицијата, која воено интервенира во земјата разорена од војна од 2015 година, вели дека „исклучително сериозно“ ги проверила информациите пред да заклучи дека се „неосновани“, рече портпаролот, генерал Турки Ал-Малки, кој ги обвини хутите за „дезинформации“.
Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на муслимански земји, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, кои им помагаат на јеменските владини сили во борбата против бунтовничките хути поддржани од Иран. Демантирајќи ја веста за бомбашкиот напад врз затворот, коалицијата во соопштението истакна дека тој не е „на списокот на забранети цели согласно механизмот одобрен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во Јемен“ (ОЦХА).
Затворот во Саади, упориште на бунтовничките хути на северот, беше бомбардиран среде ноќ, при што загинаа 70, а беа ранети 138 лица, соопшти невладината организација Лекари без граници, осудувајќи го „страшниот“ напад. Бројот на загинати најверојатно ќе биде уште поголем бидејќи „потрагата во урнатините сè уште трае“, додаваат од Лекари без граници.
Засега не се знае кои биле затворениците и колку биле. Но, осум невладини организации, меѓу кои Аксион контра ла фам, Оксфам и Сејв д чилдрен, во заедничка изјава рекоа дека се работи за мигранти.






