„Тоа мора да престане“, рече Трудо вчера на вонредна расправа во парламентот, откако помина една недела во изолација поради зараза со коронавирус.
„Ова е приказна за земја која помина низ пандемијата така што беше обединета, а неколку луѓе кои викаат и мавтаат со свастика не дефинираат кои се Канаѓаните“, рече канадскиот премиер, кој не остана да одговора на прашања на пратениците.
„Жителите на Отава не заслужуваат да бидат малтретирани во своите населби, да бидат изложувани на инхерентното насилство на свастиката и конфедерациските знамиња или да бидат навредувани само затоа што носат маски“, рече тој.
Трудо е преместен со семејството на тајна локација поради безбедносни причини, а конзервативците го сметаат за виновен за поделбата во земјата.
„Кога премиерот ќе престане да се крие, ќе се појави пред Канаѓаните, ќе покаже малку лидерство и ќе го поправи нередот што го направи?“, запраша во понеделникот во парламентот привремената лидерка на Конзервативната партија Кендис Берген, која и самата ги поддржа протестите.
Повеќедневните протести во главниот град воглавно се мирни, но жителите на центарот во Отава се побунија против звукот на сирените и честото трубење, па канадски судија издаде привремена забрана за трубење во центарот на главниот град, додека полицијата заплени илјадници литри гориво за да ги сузбие протестите.
Гласното и непрестајно трубење на сирените на камионите стана една од клучните карактеристики на движењето против задолжителното вакцинирање, но судијата Хју Меклин сега ја забрани употребата на сирените во следните 10 дена.
„Трубењето не е израз на некоја голема мисла, колку што знам“, рече судијата Меклин во пресудата со која ги исполни барањата на жителите.
„Луѓето живеат во страв и се преплашени“, рече градоначалникот Џим Вотсон, споредувајќи го непрестајното трубење на големите камиони со психолошка војна.
Вотсон исто така побарал да бидат испратени дополнителни 1.800 полицајци во Отава, а и началникот на полицијата во градот повикал на помош. „Мораме да ги запреме овие демонстрации, но не можеме да го направиме тоа сами“, рече Питер Слоли.
Жителите на Отава се жалат дека сообраќајот е блокиран од камиони и поради импровизирани кампови во градските паркови и вознемирувања, пишува Би-би-си.
„Протестирањето на овој начин, со блокирање на компании и луѓе кои работат во центарот, е неправедно кон граѓаните на Отава“, рече Стјуарт, готвач во центарот на градот кој одби да го даде своето име на Би-би-си поради страв од „екстремисти“ меѓу демонстрантите.
Тој верува дека работниците и жителите во центарот на градот се „двапати казнети“, прво од влијанието на пандемијата, а потоа од конвојот. „Ако протестот продолжи, тоа само ќе им наштети на вредните работници во Отава“, вели тој.
Полицијата издала повеќе од 1.000 казни за прекумерна бучава, употреба на пиротехнички средства, невнимателно возење и сообраќајни прекршоци. На протестите во текот на викендот имало околу 1.000 камиони и 5.000 демонстранти, соопшти полицијата. Тоа е значително помалку од претходниот викенд, кога на протестите имало околу 3.000 камиони и повеќе од 10.000 демонстранти.
Полицијата, исто така, има проблем да најде доволно возила способни да ги извлечат тешките камиони од улиците. Многу приватни компании одбиваат да учествуваат поради страв за своите работни места, па полицијата се обидува да пронајде камиони за влечење во сопственост на околните општини.






