„Денес би отишла на колена во црквата Мегалохари, само за да најдам работник за следната година навреме“, вели Матина, сопственичка на бутикот Армонија на островот Тинос, осврнувајќи се на традиционалното поклонение што се одржува секоја година на 15 август.
На овој популарен туристички остров, речиси секој излог има знак на кој пишува „Се бара персонал“. Иако платите на Тинос се повисоки отколку во Атина и е обезбедено сместување, нема работници.
Минатата пролет, Грција потпиша договори со неколку земји, вклучувајќи ги Ерменија, Индија и Филипините, за пристигнување на 40.000 сезонски работници. Но, во пракса, овие договори слабо функционираат, процесите се бавни, бирократијата е комплицирана, а понудите често се непривлечни.
Една од ретките што успеале да дојдат во Грција е Тамар од Грузија. „Работам тука еден месец“, вели млада продавачка во златарница на Тинос. Таа речиси и не зборува грчки, но сопственикот е среќен што нашол некој да работи. Според Здружението на грчки хотелиери, во моментов има недостиг од најмалку 60.000 работници во туризмот, од келнери и готвачи до рецепционери и собарки.
Претседателот на Панхеленската федерација на туристички и прехранбени работници, Јоргос Хосоглу, истакнува дека недостигот на работници е резултат на пандемијата. „Се соочуваме со невиден недостиг на квалификувани и искусни работници, особено во хотелскиот и угостителскиот сектор“, рече Хосоглу.
Еден од главните проблеми е што работниците имаат право на надомест за невработеност само три месеци по сезоната. „Како ќе го преживеат остатокот од годината, особено сега за време на долготрајна криза со животните трошоци?“, прашува Хосоглу.
Младите Грци сè повеќе бараат сезонски работни места во северна Европа или дури и во Исланд. Во исто време, многу Албанци кои со децении беа ‘рбетот на грчката работна сила сега се пред пензија или заминуваат во други земји кои нудат подобри услови. Покрај 60.000 работници во туризмот, на Грција ѝ недостасуваат и околу 60.000 работници во градежништвото и исто толку во земјоделството.
И покрај очигледната потреба од странски работници, владата на премиерот Киријакос Мицотакис се одлучи за построг пристап. Наместо да ја олесни миграцијата, таа се фокусира на заострување на законите и привлекување на конзервативните гласачи.
Поранешниот министер за миграција Макис Воридис го „замрзна“ продолжувањето на дозволите за престој, а новиот министер, Танос Плеврис, познат по своите екстремни ставови, веднаш се фокусираше на депортациите и ограничувањата за азил.
„Кој и да е нелегално во нашата земја има две опции: затвор или враќање“, рече Плеврис во Копенхаген на неодамнешниот состанок на министрите на ЕУ, а министерството веќе започна кампања со оваа порака преку социјалните мрежи. Во исто време, според податоците на грчкото Министерство за труд, од почетокот на годината, 9.000 луѓе нелегално пристигнале во Грција, претежно преку Крит.






