САД и Јужна Кореја ја обвинија Северна Кореја дека ѝ префрлила оружје на Русија за да го користи во војната против Украина, која ја нападна во февруари 2022 година. И Москва и Пјонгјанг ги негираат обвинувањата, но минатата година ветија дека ќе ги продлабочат воените односи.
Односите меѓу двете земји драматично се зајакнаа по посетата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на далечниот исток на Русија во септември и самитот со претседателот Владимир Путин.
Но, Ким Јо Џонг рече дека „теоријата“ за севернокорејско-руски договор за оружје, составена од предрасуди и фикции, е „најапсурдната теорија“ која не заслужува ничија оценка или интерпретација, објави КЦНА, цитирајќи ја нејзината изјава за печатот во која вели дека се работи за лажни гласини што ги шират непријателските сили.
Ким Јо Џонг додаде дека севернокорејското оружје што се развива не е наменето за извоз, туку за одбрана од Јужна Кореја.
Северна и Јужна Кореја технички сè уште се во војна бидејќи нивниот конфликт од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со договор.
Во меѓувреме, САД во четвртокот објавија нови санкции против два руски поединци и три руски компании за овозможување на трансферот на оружје меѓу Русија и Северна Кореја, вклучително и балистички ракети за употреба во Украина.
Остатоците од проектил што паднаа врз украинскиот град Харков на 2 јануари биле од севернокорејската балистичка ракета Хвасонг-11, изјавија набљудувачите на санкциите на Обединетите нации пред комитетот на Советот за безбедност во извештајот што го видел Ројтерс.
Лидерите на главните партнери на Северна Кореја, Кина и Русија се состанаа во четвртокот и ги критикуваа Вашингтон и неговите сојузници за нивното „заплашување во воената сфера“ против Северна Кореја, се вели во заедничката изјава на рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Во време на растечко партнерство меѓу Москва и Пјонгјанг, севернокорејскиот амбасадор во Русија вчера го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски марионета на САД и рече дека Русија ќе излезе како победник во конфликтот со Киев, пренесе КЦНА.