недела, 28 декември 2025

Мјанмар ги одржува првите парламентарни избори по воениот удар

Во Мјанмар денес се одржуваат парламентарни избори за прв пат по воениот удар во земјата од Југоисточна Азија, кој се случи пред речиси пет години.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Обединетите нации денеска, откако беа отворени гласачките места на изборите организирани од воената хунта во Мјанмар, соопштија дека на земјата ѝ е потребно „слободно, фер, инклузивно и веродостојно“ гласање.

„Од клучно значење е иднината на Мјанмар да се одреди преку слободен, фер, инклузивен и кредибилен процес што ја одразува волјата на неговиот народ“, соопшти канцеларијата на ОН во Мјанмар.

Владејачката хунта објави избори на крајот на јули и истовремено прогласи крај на вонредната состојба.

Првата фаза од изборите се одржува денеска, додека уште две фази се планирани за следниот месец.

Сè уште не е познато кога ќе бидат објавени резултатите од гласањето, но се очекува тоа да биде кон крајот на јануари.

Меѓународната заедница го критикува изборниот процес

Пред изборите, меѓународните набљудувачи и организациите за човекови права веќе ги опишаа изборите како фарса.

Според извештаите на организацијата „Хјуман рајтс воч“, изборите служат единствено за легитимирање на власта на генералите. Гласањето ќе се одвива главно во изборни единици контролирани од хунтата.

Проценките покажуваат дека групите на отпорот и бунтовниците моментално контролираат повеќе од 50 проценти од територијата на земјата.

Политичката ситуација по државниот удар

Војската воведе вонредна состојба откако на 1 февруари 2021 година, со државен удар ја собори од власт демократски избраната лидерка на земјата, Аунг Сан Су Чи.

Хунтата потоа повеќепати ги одложуваше ветените избори, наведувајќи го насилството во земјата како причина.

По државниот удар Мјанмар западна во хаос, додека воените власти насилно потиснуваат секаков вид на отпор.

Речиси целосно меѓународно изолирана, земјата претрпе и низа природни катастрофи, вклучувајќи силен земјотрес кон крајот на март во кој загинаа илјадници луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ