петок, 30 јануари 2026

Мишел го критикува Руте: Престани да бидеш американски агент и обедини го НАТО

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте треба да престане да биде „американски агент“ и да го обедини расцепканиот воен сојуз кој се соочува со „непријателска реторика“ и „заплашување“ од САД, изјави за Jуроњуз поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел. Мишел, кој го водеше советот пет години до 2024 година, во утринската емисија „Европа денес“ во петокот изјави дека Руте го разочарува и дека ја губи довербата во него, објави Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сакам да бидам јасен, Марк Руте е разочарување и јас ја губам довербата“, рече Мишел. „Не очекувам Марк Руте да биде американски агент. Очекувам Марк да работи на единство во рамките на НАТО“, додаде тој.

Руте, кој го нарече американскиот претседател Доналд Трамп „татко“ на НАТО сојузот, стекна репутација дека е некој што знае како со Трамп. Тој исто така му даде можност на Трамп да се повлече од своите неодамнешни закани за започнување трговска војна со европските земји околу Гренланд.

Мишел за Јуроњуз изјави дека „нема да функционира ласкавата дипломатија“ на Руте и може да доведе до „целосен неуспех“.

„Се соочуваме со заплашување, се соочуваме со закани. Она што се случува со Гренланд не е прифатливо и очекувам Марк Руте да биде силен глас во одбраната на единството во рамките на НАТО“, рече тој.

Тој додаде дека ЕУ е „многу лојален партнер“ на САД и дека „не го заслужува“ неодамнешното „однесување“ на Трамп, осврнувајќи се на заканите на американскиот претседател за Гренланд, неговите обиди да го „легитимира“ рускиот претседател Владимир Путин и санкциите против поранешните функционери на ЕУ.

Американската администрација неодамна воведе санкции врз Тиери Бретон, поранешен француски европски комесар, кој беше задолжен за изготвување на дигиталните правила на ЕУ.

Мишел исто така се осврна на преговорите за иден мировен договор за Украина, велејќи дека лидери како што се францускиот претседател Макрон и италијанската премиерка Мелони се „во право“ што бараат директна средба со Путин.

„Мора да бидеме на преговарачката маса, а денес не сме. Тоа е многу тажно, дури и малку шокантно“, рече тој. „Кој на масата ги брани европските интереси? Не САД, не Русија.“

Тој го предложи својот наследник, Антонио Коста, како можен претставник за преговорите, наведувајќи дека тој има „легитимитет“ да зборува во име на 27 лидери на ЕУ.

Кога беше прашан за целта на украинскиот претседател Володимир Зеленски неговата земја да се приклучи на ЕУ до 2027 година како дел од мировниот план, Мишел рече: „Апсолутно е правилно и можно“, повикувајќи го Киев да се интегрира во европскиот блок „што е можно побрзо“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ