понеделник, 22 декември 2025

Министрите за надворешни работи на Германија и Холандија ненајавено ја посетија Украина

Објавено на

часот

Сподели

Аналена Баербок го посети Буча, град во близина на Киев каде што се откриени стотици убиени цивили откако Русите го окупираа градот во март, а подоцна се повлекоа. Министерката разговараше со жителите, пишува агенцијата Франс прес.

Министерката треба официјално повторно да ја отвори германската амбасада во Киев, која е затворена од февруари. Персоналот работи од западна Украина и Берлин.

Некои други земји повторно ги отворија амбасадите во главниот град на Украина, откако руските сили се повлекоа од и околу градот. Така повторно се отворени амбасадите на САД, Канада, Франција, Италија, Велика Британија и Австрија.

Посетата на германската министерка за надворешни работи дојде во време на расправата за тоа кога и дали германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер ќе отпатуваат во Украина во знак на поддршка на земјата во нејзината одбрана од руската инвазија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани канцеларот да ја посети Украина на 9 мај, кога Русија ја прослави победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Иако Зеленски тогаш рече дека посетата на Шолц ќе испрати многу силна политичка порака, канцеларот во понеделникот не дојде во Украина.

Тензиите меѓу Украина и Германија се зголемија откако на Штајнмаер во април му беше речено да не доаѓа во посета поради неговите врски со Русија и општите критики на украинското водство на сметка на Берлин поради бавноста во испраќањето воена помош.

Холандскиот министер на Твитер објави фотографии од улиците на Ирпин, друг град во близина на Киев, каде Украина исто така ги обвинува Русите за масакр над цивили и напиша дека ќе се сретне со членовите на украинската влада и со својот германски колега.

Хоекстра рече дека она што го видел во Ирпин „не смее да помине неказнето“.

Министерот ѝ ја пренесе на Украина поддршката на неговата земја во истрагите и судењата за воени злосторства.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ