недела, 7 декември 2025

Министер за одбрана на БиХ: Нашите вооружени сили се подготвени за мисијата за стабилизација во Газа

Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез денес објави дека припадниците на вооружените сили ќе учествуваат во мировните операции што треба да се спроведат во Газа, што укажува дека веќе е постигнат прелиминарен договор за ова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Разговараме и очекуваме дека нашите сили ќе учествуваат во мировните операции во Газа. Не една, туку неколку единици имаме што се подготвени за тоа. Сега само треба да ја спроведеме домашната процедура“, изјави Хелез за новинарите во Сараево за време на церемонијата по повод Денот на вооружените сили на БиХ.

На 17 ноември, Советот за безбедност на Обединетите нации, на предлог на Соединетите Американски Држави, одобри резолуција со која се одобрува планот на претседателот Доналд Трамп за завршување на војната во Газа. Резолуцијата предвидува воспоставување мисија на „сили за стабилизација“ што би го надгледувала прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас. Оваа мултинационална мисија треба да ја предводат Соединетите Американски Држави.

Меѓународните сили за стабилизација треба да го обезбедат процесот на демилитаризација на Газа, а нивниот мандат би вклучувал уништување на оружјето што останало од двегодишниот конфликт, како и воената инфраструктура што ја користеле страните во конфликтот.

Министерот за одбрана на БиХ не појасни точно каков би можел да биде ангажманот на војниците од неговата земја во Газа, но нагласи дека меѓу нив се оние кои можат во целост да ги исполнат задачите според стандардите на НАТО. „Имаме единици декларирани според стандардите на НАТО и тоа го кажувам со гордост“, рече Хелез.

И покрај внатрешните политички спорови, односно постојаните блокади наметнати од властите на Република Српска на патот кон членството на БиХ во НАТО, Хелез е убеден дека членството во Алијансата сепак ќе се случи. „Ние сме убедливо најблиску до членство во НАТО од сите земји-кандидати“, тврди тој.

БиХ ги доби своите единствени вооружени сили дури во 2006 година, кога поранешните завојувани армии, имено ХВО, Армијата на БиХ и војската на Република Српска, беа интегрирани во нејзиниот состав. Нејзиниот деклариран состав се состои од до десет илјади професионални војници и офицери, покрај пет илјади членови на активната резерва.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ