„Ќе им дадеме мандат на нашите министри да го започнат тој разговор“, рече тој. Тој нагласи дека не станува збор за „замена на безбедносните гаранции што САД ѝ ги даваат на Европа“.
Во светло на зближувањето на САД со Русија под претседателот Доналд Трамп и евентуалното повлекување на САД од Европа, Мерц во февруари ги покани Париз и Лондон, двете европски нуклеарни сили, да разговараат за тоа дали Германија може да биде заштитена со нивното нуклеарно оружје.
Макрон нагласи дека зајакнувањето на европскиот столб на НАТО нема да го ослаби Северноатлантскиот сојуз, туку дека Европејците ќе преземат поголема одговорност за себе. „Сосема е природно да се разговара за сите теми, вклучително и нуклеарното одвраќање, со оглед на нашата историја, нашите специфичности.“
Мерц и Макрон разговараа и за зајакнување на соработката во областа на одбраната во време кога двете земји ги зајакнуваат своите воени буџети. „Ќе ги забрзаме нашите француско-германски програми, ќе развиваме нови капацитети“, првенствено кога станува збор за развој на тенкови, воени авиони и ракети со долг дострел, рече Макрон.
Тие исто така се согласија да формираат „француско-германски совет за одбрана и безбедност“ кој „ќе се состанува редовно за да обезбеди оперативни одговори на заедничките стратешки предизвици“, рече францускиот претседател.
Двете земји исто така одлучија да координираат и споделуваат стратешки анализи и да започнат заедничка програма за иновации во одбраната. Тоа беше прва средба меѓу Мерц и Макрон откако Мерц ја презеде функцијата во вторникот.