недела, 7 декември 2025

Мерц: Ќе станеме пиони на Кина и Америка ако не дејствуваме итно

Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остро предупредување до Европа: ако нејзините лидери не дејствуваат итно за да ја вратат конкурентноста, континентот ризикува да ја изгуби својата независност од глобалните економски гиганти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во говорот пред германскиот парламент во четврток, пред самитот на европските лидери во Брисел следната недела, Мерц ја повика Европската унија да спроведе сеопфатни економски реформи за да избегне да ја изгуби својата глобална релевантност, објави Политико.

„Ова е клучно за иднината на нашата земја и земјите од Европа, бидејќи во наредните недели, месеци, а можеби и во рок од неколку години, ќе се одлучи дали Европа ќе остане независна економска сила во глобалната економија или ќе станеме пион на големите економски центри во Азија или Америка“, рече Мерц.

Предупредувањето на Мерц доаѓа во време кога тој на домашен терен се соочува со се поголем политички притисок за да направи повеќе за решавање на економската криза во Германија.

По две последователни години економски пад, економистите очекуваат растот да остане занемарлив и оваа година, делумно поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп кои особено силно ја погодија извозно ориентираната економија на Германија. Затоа германските бизнис лидери сега бараат похрабри реформи од канцеларот за поттикнување на растот.

Иако центристичката коалиција на Мерц вети дека ќе спроведе реформи на пазарот на трудот и социјалната помош, канцеларот во последните недели сè почесто покажува со прст кон Брисел. Тој ја повика ЕУ да ја намали бирократијата за бизнисите, да го зајакне единствениот пазар и да склучи повеќе глобални трговски договори.

„Немаме проблем со свеста во Европа; имаме проблем со имплементацијата“, рече Мерц во четврток. „Затоа имам намера повторно да го покренам ова прашање за имплементација со нашите европски партнери. И уште еднаш, ова првенствено се однесува на конкурентноста на нашата европска економија.“

Мерц истакна дека планот за делување всушност веќе постои, осврнувајќи се на две студии од поранешните италијански премиери Марио Драги и Енрико Лета, кои содржат предлози за продлабочување на внатрешниот пазар на ЕУ и зајакнување на конкурентноста.

„Овие два извештаи не смеат да исчезнат во архивите на Европската комисија“, нагласи Мерц. „Тие сега припаѓаат на агендата на Европската Унија.“

Канцеларот ја повика Комисијата да преговара за нови трговски договори со земјите и трговските блокови низ целиот свет во име на ЕУ. Тој особено апелираше до ЕУ да потпише трговски договор со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ