„Русија мора да биде присутна на масата. Доколку тоа се случи, секој напор би бил оправдан, во спротивно, напорите ќе мора да се удвојат“, рече Мерц.
Берлин го поздрави напредокот постигнат од Американците, Украинците и Европејците во преговорите во Женева, кои се базираат на нацрт-мировен план од 28 точки презентиран од Вашингтон. Документот во првичната верзија беше оценет како премногу поволен за Москва.
„Тоа е макотрпен процес (…), не очекувам пробив оваа недела“, рече Мерц.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека е „силно оптимистичен“ во врска со можноста да се постигне договор „многу брзо“.
Германскиот канцелар предупреди дека Европејците ќе мора да го одобрат секој елемент од идниот мировен договор што се однесува на нивната безбедност.
„За нас е важно мировниот план за Украина да не биде договорен без наша согласност кога станува збор за прашања што се однесуваат на европските интереси и европскиот суверенитет“, рече тој.
Првичната верзија на американскиот документ предизвика отпор од Киев и неговите европски сојузници – Париз, Лондон, Берлин и Рим – кои се собраа во Женева во неделата за да спречат договор што би личел на капитулација на Украина.
По тие разговори, САД и Украина „изработија нова, ревидирана верзија на рамката за мировен договор“, која, според заедничкото соопштение, треба „целосно да го почитува суверенитетот на Украина“.
Првичниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп вклучуваше неколку барања што се клучни за Москва: Украина да отстапи територија, да прифати намалување на својата војска и да се откаже од амбицијата да се приклучи на НАТО.
Исто така предвидени се западни безбедносни гаранции за Киев за да се спречи нов руски напад.






