недела, 15 март 2026

Мерц бара забрана за влез во ЕУ на руски војници: Тоа е сериозна безбедносна закана

Германскиот канцелар Фридрих Мерц е потписник на писмото со кое се повикува врвот на Европската Унија да воведе забрана за влез на територијата на ЕУ за руски војници кои учествувале или учествуваат во војната против Украина, објавија германските медиуми во саботата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Можниот влез на борци во Шенген зоната претставува сериозна закана за внатрешната безбедност“, се наведува во писмото, кое го потпишаа Мерц и уште шест лидери на земји-членки на ЕУ и е испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.

Според писмото, овие лица, меѓу другото, би можеле да извршат кривични дела поврзани со насилство, да работат во криминални мрежи или екстремистички движења или да поддржуваат непријателски активности на Русија.

Опасноста се смета за особено голема бидејќи меѓу борците кои дејствувале во Украина има повеќе од 180.000 осудени криминалци кои биле регрутирани од руските затвори и испратени на бојното поле.

Според потписниците на писмото, прашањето е толку сериозно што бара политичко внимание на највисоко ниво и координиран европски одговор.

Мерц и лидерите на Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Полска, Романија и Шведска затоа сакаат да го стават на дневен ред на самитот на ЕУ следниот четврток.

Естонија ја започна првата иницијатива за можни забрани за влез пред неколку недели.

Документ од јануари оваа година, поддржан од естонската влада и објавен од германските медиуми, наведува дека од 2022 година, околу 1,5 милиони руски граѓани учествувале во борбени операции, а околу 640.000 сè уште се активни на терен.

Како што понатаму се наведува, нивните заеднички карактеристики вклучуваат борбено искуство и употреба на насилство, вклучително и веројатно учество во воени злосторства против украинското население.

Документот ги повикува сите земји-членки на ЕУ и Шенген зоната да воведат забрана за влез на идентификувани руски граѓани кои учествувале во агресијата против Украина и да не им одобрат визи и дозволи за престој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ