Најбогатиот човек во светот и извршен директор на Тесла, кој сака да го преземе Твитер, на конференцијата на Фајненшл тајмс во вторникот изјави дека одлуката на Твитер да му забрани пристап на Трамп до социјалната мрежа е „морално лоша“.
Тој се надоврза на забелешката во твит во четвртокот вечерта, нагласувајќи дека не го поддржува Трамп како претседателски кандидат. „Иако мислам дека кандидат кој воведува помалку поделби ќе биде подобар во 2024 година, сепак мислам дека Трамп треба да се врати на Твитер“, рече Маск.
Even though I think a less divisive candidate would be better in 2024, I still think Trump should be restored to Twitter
— Elon Musk (@elonmusk) May 12, 2022
Трамп рече дека не сака да се врати на Твитер, туку сака да изгради своја сопствена Трут соушал платформа.
Твитер му беше трајно забранет во јануари 2021 година поради „ризикот од дополнително поттикнување на насилство“ по нападот на американскиот Капитол, соопшти тогаш компанијата. Трамп размислува за уште една кандидатура за претседател во 2024 година.
Извршниот директор на Твитер Параг Агравал во писмо до вработените во четвртокот рече дека двајца високи директори кои ги надгледуваат секторите за потрошувачи и приходи ќе ја напуштат компанијата. Ројтерс наведува дека ова е еден од најголемите потреси во компанијата откако Маск најави дека ќе ја купи за 44 милијарди долари.
Агравал во писмо вели дека Твитер ќе ги запре повеќето вработувања и ќе ги прегледа сите постоечки понуди за работа за да утврди дали треба да ги „повлечи“.
Компанијата планирала 7,5 милијарди долари годишен приход и 315 милиони дневни корисници до крајот на 2023 година, но тие цели ги повлече во својот неодамнешен извештај.






