понеделник, 8 декември 2025

Маск ќе добие „плата на векот“

Акционерите на Тесла го одобрија најголемиот пакет за плата во корпоративниот свет за извршниот директор Илон Маск, вреден речиси трилион долари (1.000.000.000.000, 10¹²), обезбедувајќи му поддршка со повеќе од 75% од гласовите. Одлуката беше донесена на годишното собрание на акционерите на компанијата одржано вчера во Остин, Тексас, објави Си-ен-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е најголемиот менаџерски бонус во историјата на корпоративниот свет.

Членовите на одборот препорачаа акционерите да го одобрат планот за плати презентиран во септември, но одлуката беше донесена и покрај препораките од водечките советнички фирми Глес Луис и ИСС, кои ги повикаа акционерите да гласаат против него.

На состанокот се гласаше и за посебен предлог од индивидуалниот инвеститор Стивен Хок, кој ја повика Тесла да инвестира во иксАИ, стартапот на Маск за вештачка интелигенција.

Брендон Ерхарт, генерален правен советник на Тесла, рече дека предлогот „добил повеќе гласови за отколку против“, но додаде дека е забележан голем број воздржани и дека компанијата ги разгледува следните чекори.

Пакетот за Маск, кој веќе е најбогатиот човек во светот, се состои од 12 транши на опции за акции што ќе му бидат доделени ако Тесла постигне низа амбициозни цели во следните десет години.

Планот исто така би ја зголемил неговата гласачка моќ, зголемувајќи го неговото сопствеништво од приближно 13% на 25%, додавајќи повеќе од 423 милиони акции во негов удел. Ова би ги исполнило неговите барања за поголема гласачка моќ, што тој јавно ги изнесува од почетокот на 2024 година.

Првата транша акции ќе му биде исплатена кога пазарната капитализација на Тесла ќе достигне 2 трилиони долари, додека сегашната изнесува 1,54 трилиони. Секоја од следните девет транши зависи од растот на вредноста на компанијата во чекори од 500 милијарди долари.

За Маск да го добие целиот пакет, пазарната капитализација на компанијата би морала да достигне неверојатни 8,5 трилиони долари. Покрај тоа, поставени се цели врзани за приходи, кои се движат до 400 милијарди долари годишна прилагодена добивка. За споредба, прилагодената добивка (ЕБИТДА) во третиот квартал изнесуваше 4,2 милијарди долари.

Другите цели вклучуваат испорачани 20 милиони возила (досега се испорачани повеќе од 8 милиони), 10 милиони активни претплати на ФСД, еден милион испорачани хуманоидни роботи Оптимус и еден милион роботакси во комерцијална употреба.

Маск изнесе смели тврдења на состанокот, наведувајќи дека роботите Оптимус ќе „ја елиминираат сиромаштијата“, „ќе обезбедат неверојатна здравствена заштита за сите“ и ќе бидат „поголеми од мобилните телефони, поголеми од сè“.

Тој исто така додаде дека роботите би можеле да се користат за „борба против идниот криминал“. Моментално нема роботи Оптимус на пазарот, а Маск не даде очекуван датум за постигнување на овие цели.

Акционерите гласаа за новиот план откако судот во Делавер минатата година пресуди дека претходниот пакет за плата на Маск за 2018 година е неправилно доделен и дека мора да се поништи. Маск поднесе жалба на таа пресуда. Покрај тоа што раководи со Тесла, Маск раководи со иксАи, Спејсекс, Неуралинк и Боринг компани, а исто така силно е вклучен во политиката.

Како што претходно објави Ројтерс, Маск сè уште може да заработи десетици милијарди долари без да ги исполни повеќето од своите цели. Условите за наградата, исто така, вклучуваат список на таканаречени „покриени настани“ што би можеле да му овозможат на Маск да добие исплата од акции дури и без да ги исполни оперативните цели.

Тие вклучуваат природни катастрофи, војни, пандемии и промени во законите што би можеле да го нарушат работењето.

Интересно е што новоодобрениот план не поставува никакви ограничувања за политичката активност на Маск, ниту пак специфицира минимално време што тој мора да го помине работејќи во Тесла.

Тоа е особено важно во светло на студијата објавена минатиот месец од Националното биро за економски истражувања, која процени дека продажбата на Тесла во САД би била од 67% до 83% поголема доколку не биле „поларизирачките и партиски дејствија“ на Маск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ