Името Грокипедија доаѓа од четботот Грок на иксАИ, за кој Маск тврди дека „бара максимална вистина“.
Верзијата 0.1 од понеделник вечерта веќе имаше повеќе од 885.000 дефиниции, во споредба со повеќе од седум милиони на англиската верзија на Википедија.
Во порака објавена на Икс, Маск вети претстојно пристигнување на верзијата 1.0, „десет пати подобра“ од 0.1, која според него е веќе „подобра од Википедија“.
https://t.co/op5s4ZiSwh version 0.1 is now live.
Version 1.0 will be 10X better, but even at 0.1 it’s better than Wikipedia imo.
— Elon Musk (@elonmusk) October 28, 2025
Пред една недела, претприемачот одлучи да го одложи лансирањето на Грокипедија за неколку дена, иако беше објавено на крајот на септември, оправдувајќи го одложувањето со потребата од „дополнителна работа за чистење на пропагандата“.
Како и републиканските функционери, Илон Маск е постојан критичар на Википедија веќе неколку години. Во 2024 година, тој напиша дека страницата е „контролирана од крајно левичарски активисти“ и ги повика луѓето да престанат да донираат на платформата.
„Целта на Грок и (Грокипедија) е вистината, вистината и ништо друго освен вистината“, нагласи најбогатиот човек во светот, додавајќи дека софтверот на енциклопедијата е со отворен код. „Секој може да го користи за што било, бесплатно“, објасни тој.
Содржината на Грокипедија е генерирана од вештачка интелигенција (ВИ) и генеративниот ВИ асистент за Грок, но секоја страница цитира повеќе извори.
Во април, тогашниот државен обвинител на САД, Ед Мартин, испрати барање за документи до Фондацијата Викимедија, која има надлежност над Википедија.
Тој објасни дека сака да утврди дали Викимедија има право на даночно ослободување што се доделува на фондациите. Адвокатот кој беше назначен од претседателот Доналд Трамп ја осуди „манипулацијата со информации“ што, според него, е вина на Википедија, платформа која се обидува да „скрие пропаганда“.
Лансирањето на Грокипедија беше поздравено од неколку високо рангирани десничари, вклучувајќи го и рускиот ултранационалистички идеолог Александар Дугин, кој ја нарече статијата за себе „неутрална, објективна и фер“, додека онаа објавена на Википедија ја оцени како „клеветничка“.
Грок предизвика контроверзии уште пред неколку месеци откако даде антисемитски изјави, кои компанијата на Маск ги припиша на погрешно програмирање.






