„Мора да биде можно да се обнови дијалогот со Русија. Зошто? Бидејќи денот кога ќе постигнеме мир, тој мир ќе се однесува и на Европа“, рече францускиот претседател во интервју објавено денес. „Ги обновивме каналите за дискусија на техничко ниво“, откри тој.
На прашањето дали сака тој да биде оној што ќе разговара со Путин, Макрон рече дека верува оти е потребен добро организиран европски пристап, но дека не треба да има премногу засегнати страни.
Кремљ тврди дека Русија е подготвена да се врати на дијалог со Франција на претседателско ниво, пренесува дпа.
„Имаше контакти, можеме да потврдиме дека, доколку е потребно и пожелно, ќе помогнеме во обновувањето на дијалогот на највисоко ниво што е можно поскоро“, рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, како што објави руската новинска агенција Интерфакс.
„Долго време велиме дека е нелогично, контрапродуктивно и штетно за сите страни односите да се сведат на нула“, нагласи Песков. Зборувајќи за подготвеноста на Макрон за директни разговори меѓу Европејците и Путин, Песков рече дека Москва е „импресионирана“ од тоа.
Советникот за надворешна политика на Макрон, Емануел Боне, неодамна беше во Москва, а германскиот канцелар Фридрих Мерц тогаш рече дека станува збор за координирана иницијатива.
Макрон и Путин последен пат разговараа по телефон на 1 јули минатата година, што беше нивна прва размена на мислења по три години. Портпаролот на Кремљ исто така рече дека Русија има за цел што поскоро да се врати на преговарачката маса за да се стави крај на војната во Украина.
Досега не е одреден датум за трилатерални разговори откако украинската и руската страна, под посредништво на САД, се сретнаа во Абу Даби минатата недела, додаде Песков. Во интервју за НТВ, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека сè уште има многу работа во преговорите.






