Поради тоа е на мета на критики дека неправедно ја користи претседателската позиција за кампања за втор мандат, додека одолговлекува со најавата за кандидатура иако остануваат помалку од два месеци до првиот круг на изборите на 10 април.
Макрон минатиот месец кажа дека сака да се кандидира, но дека ќе причека ситуацијата со пандемијата да се подобри пред да ја донесе одлуката. Рокот за формално изјаснување за кандидатура е 4 март.
Тој кажа и дека прво сака да се фокусира на украинската криза поради која минатата недела ги посети Москва и Киев.
Сепак, критичарите наведуваат дека неговите неодамнешни патувања по француските региони повеќе личат на претседателска кампања бидејќи за време на посетата на северот најави вложување на 100 милиони евра за јакнење на економијата во таа област.
Кандидатот за претседател на крајната десница Ерик Земур го обвини Макрон дека аргументот за пандемијата го користи за да ги натера француските гласачи да заборават на она што тој го нарекува пад на Франција.
Шефот на Републиканската партија Кристијан Џејкоб ја осуди „злоупотребата на јавните пари“ и кажа дека тоа прашање го пријавил во Националната комисија за финансирање избори.
Франција има строги правила за финансирање на претседателската кампања. Поранешниот претседател Никола Саркози минатата година беше осуден на една година домашен затвор поради незаконско финансирање на кампањата.
Партијата на Макрон веќе ја почна таканаречената кампања на претседателско мнозинство која ја промовира низ земјата со постери и летоци кои упатуваат на интернет страницата наречена „Со вас“.
На страницата се спомнува и Макрон, но граѓаните се повикуваат да се претплатат на билтенот за да можат да ги следат вестите за кампањата.
Уставниот совет неодамна соопшти дека Макрон прв собрал 500 потписи од функционери кои според францускиот закон се неопходни за поднесување кандидатура на претседателските избори.






