петок, 19 декември 2025

Макрон: 26 земји се подготвени да учествуваат во повоената мисија во Украина

Дваесет и шест земји се подготвени да учествуваат во меѓународните сили како дел од безбедносните гаранции за Украина во случај на мировен договор со Русија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по самитот на сојузниците во Киев.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Макрон рече дека тој, европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарале со американскиот претседател Доналд Трамп по самитот и дека придонесот на САД во гаранциите ќе биде финализиран во наредните денови.

Средбата на 35 лидери од Коалицијата на спремните, главно европски земји, имаше за цел да ги финализира безбедносните гаранции и да побара од Трамп поддршка за која Европејците сметаат дека е од клучно значење за овие гаранции да бидат одржливи, објави Ројтерс.

„Како еден вид уверување, 26 земји се обврзаа да распоредат трупи во Украина, каде што ќе бидат присутни на копно, на море или во воздух“, изјави Макрон пред новинарите, стоејќи до Зеленски во Елисејската палата во Париз.

Макрон додаде дека безбедносните гаранции првенствено ќе се однесуваат на обновата и зајакнувањето на вооружените сили на Украина.

Германија и други земји ветија дека ќе бидат вклучени во напорите, но Берлин изјави дека за воен ангажман ќе одлучи само кога условите ќе бидат јасни, вклучително и обемот на американското учество.

Макрон не прецизираше кои земји се согласиле да испратат војници, но Франција и Велика Британија се меѓу оние кои покажаа подготвеност да учествуваат во сили што ќе го уверат Киев и ќе ја одвратат Русија од повторен напад.

За време на разговорите со лидерите на коалицијата, Трамп рече дека Европа мора да престане да купува руска нафта, која, според него, ѝ помага на Москва да ја финансира војната против Украина, изјави функционер на Белата куќа.

„Претседателот исто така нагласи дека европските лидери мора да извршат економски притисок врз Кина поради нејзиното финансирање на воените напори на Русија“, рече функционерот.

Макрон рече дека коалицијата и Соединетите Американски Држави се согласиле тесно да соработуваат за идните санкции, особено врз рускиот сектор за нафта и гас, како и врз Кина, објави Ројтерс.

Членките на коалицијата со месеци дискутираат на различни нивоа како да ја дефинираат својата воена поддршка за Украина во случај на евентуален прекин на огнот – иако тоа останува далечна опција.

Коалициските влади изјавија дека секоја европска воена улога ќе бара и американски безбедносни гаранции како поткрепа. Сепак, Трамп не вети експлицитно дека ќе оди толку далеку.

Неговиот специјален претставник, Стив Виткоф, се сретна со француски, британски, германски, италијански и украински дипломати пред самитот, а потоа накратко присуствуваше на отворањето на седница.

Двајца европски претставници рекоа дека коалицијата сакала да го истакне недостатокот на напредок кон директни мировни преговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски откако Трамп му беше домаќин на Путин во август, и да го охрабри Трамп да го зголеми притисокот врз Москва сега.

По свечениот прием во Алјаска, Трамп во средата го обвини Путин дека се здружува со Кина и Северна Кореја, откако тројцата лидери имаа заеднички настап во Пекинг на раскошната комеморација по повод крајот на Втората светска војна.

Путин во средата му рече на Киев дека постои можност за завршување на војната во Украина преку преговори „доколку преовлада здравиот разум“, опција за која рече дека ја претпочита, но додаде дека е подготвен да ја заврши со сила доколку е потребно.

Путин исто така ја отфрли идејата за распоредување трупи на НАТО во Украина како дел од мировниот договор. Но, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги отфрли неговите забелешки.

„Зошто би требало да ни е гајле што мисли Русија за трупите во Украина? Тоа е суверена држава“, изјави тој на конференција во Прага, пред да се приклучи на самитот во Париз преку видео врска.

„Русија нема никаква врска со тоа“, додаде тој. „Мислам дека навистина треба да престанеме да му даваме премногу моќ на Путин“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ