Тој е држен под таканаречени специјални административни мерки (САМс), во одделение што чуварите го нарекуваат „САМс одделение“ на бруклинскиот затвор, објавува Си-би-си њуз.
Овие мерки служат да го ограничат контактот на затворениците со надворешниот свет во случаи кога властите проценуваат дека нивните комуникации би можеле да претставуваат опасност.
Според Министерството за правда на САД, само државниот обвинител може да одобри нивна употреба.
Се верува дека поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Ернандез, претходно бил држен во истото одделение, пред да биде осуден за трговија со дрога во 2024 година, а потоа префрлен во друг затвор.
Сопругата на Мадуро, Силија Флорес, е држена во друг дел од истиот затвор.
Специјалното одделение во Бруклин било формирано откако слично одделение на Менхетен било затворено во 2021 година, може да прими до 12 затвореници, но не е познато колкумина моментално се наоѓаат таму под овој режим.
Мадуро го поминува речиси целото време во одделението, напуштајќи ја својата ќелија само за да се истушира, да се види со адвокат или да помине еден час дневно во самостојна рекреација.
Затворениците под овие мерки немаат контакт со други притвореници.
Тој е под постојан видео надзор, а двајца чувари и еден висок офицер го придружуваат во секое движење.
Пристапот до одделението е строго контролиран и е можен само со посебни дозволи.
Овие мерки се изрекуваат на 120 дена, но можат да се продолжуваат на неодредено време, а некои затвореници остануваат под нив со години или дури и децении.
Мадуро се изјасни за невин по сите обвиненија и се прогласи за „воен заробеник“ на првото рочиште.






