недела, 11 јануари 2026

Мадуро ја испрати првата порака од затворот во Њујорк

Николас Мадуро Гера, син на уапсениот венецуелски претседател Николас Мадуро, изјави дека неговиот татко испратил порака од затворска ќелија во САД дека тој и неговата сопруга Силија Флорес се „добро“ и дека се „борци“.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Добро сме. Ние сме борци. Немојте да бидете тажни“, ги цитираше Николас Мадуро Гера зборовите на својот татко во видео објавено од владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела, во кое се наведува дека пораката ја пренеле адвокатите на Мадуро, пренесува Фигаро.

Николас Мадуро и Силија Флорес беа изнесени од Венецуела на 3 јануари во воена операција на американските специјални сили, по што беа уапсени и сместени во притворска единица во Њујорк, нивното судење започна во истиот град на 5 јануари по обвинение за вмешаност во нелегална трговија со дрога и оружје, на кое двајцата се изјаснија дека не се виновни.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека „нема да се смири ниту минута додека не го вратат претседателот“ и дека ќе го „спаси“.

По апсењето на Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „откажал“ нов американски напад врз Венецуела поради „соработката“ на Каракас и дека Вашингтон има намера да ги „диктира“ сите одлуки, додека Венецуела одговори дека не е ниту „подредена ниту покорна“ на Вашингтон.

Американскиот Стејт департмент вчера ги повика граѓаните на таа земја да не патуваат во Венецуела, а оние што веќе се таму „веднаш да ја напуштат земјата“ поради „нестабилната“ безбедносна ситуација.

Причината за таков повик беше присуството на вооружени милиции, познати како „колективос“, кои поставуваат блокади на патиштата и пребаруваат возила барајќи докази за американско државјанство или поддршка за Соединетите Американски Држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ