Околу 30.000 руски војници се наоѓаат на територијата на Белорусија, каде што тврдат дека изведуваат воени вежби.
Вежбите требаше да завршат вчера, по што беше најавено повлекување на руската армија, но белоруското Министерство за одбрана вчера соопшти дека вежбите ќе бидат продолжени. Во соопштението се наведува дека ваквата одлука е донесена поради воените активности во близина на границите на Русија и Белорусија, како и поради ескалацијата на насилството во источниот украински регион Донбас.
Според Ројтерс, вчера од Минск не било прецизирано колку долго руските војници би можеле да останат во таа земја, а министерот за одбрана Виктор Кренин рече дека фокусот на продолжените вежби е „обезбедување соодветен одговор и деескалација на воените подготовки на оние што се во близина на нашата заедничка граница и не ни посакуваат добро“.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека овој развој дополнително ги загрижува балтичките земји, кои се плашат од способноста на Русија да ги отсече од остатокот од Европа преку јазот Сувалки – 65-километарската тесна граница меѓу Полска и Литванија, која се смета за една од најслабите точки на НАТО. На западот е тешко вооружената руска енклава Калининград, а на исток е Белорусија.
„Стануваме Западен Берлин, како една мала земја опкружена со непријател што има многу поголема воена сила“, изјави за ФТ Мариус Лауринавичиус, независен консултант за безбедност во Литванија.
Балтичките земји се единствените поранешни советски републики што се приклучија во НАТО и во ЕУ.
Кусти Салм, секретар во естонското Министерство за одбрана, рече дека благодарение на воените игри во Белорусија, Русија сега има десет пати повеќе сили во тој регион отколку НАТО на источниот раб на Балтикот и Полска. Тој, исто така, за британскиот медиум изјави дека руската демонстрација на воена сила и подготвеност претставува „драматична промена што не се случила со децении“. Доколку ваквата состојба продолжи, тој смета дека ќе биде потребна драматична промена и во позиционирањето на силите на НАТО.
Белорусија на западот веќе некое време се смета за сателитска држава, дури и пред да се свика референдумот што ќе се одржи следната недела, кој би можел да ѝ стави крај на нејзината формална неутралност и таа земја да се согласи да има руско нуклеарно оружје на своја територија.
„Секоја година, со секоја вежба, гледаме поблиска интеграција. Во овој регион има воена неурамнотеженост. Никогаш нема да ја имаме воената сила што ја има Русија. Но можеме да одвраќаме“, рече Маргирис Абукевичиус, заменик-министер за одбрана на Литванија.
„Коридорот Сувалки е местото каде што се испреплетуваат многу слабости во стратегијата и позиционирањето на НАТО“, се вели во студијата од 2018 година на Бен Доџиз, поранешен врховен командант на САД во Европа.
Висок балтички претставник за безбедност изјави дека за време на минатогодишните воени вежби „Запад“ на Русија и Белорусија, војниците вежбале затворање на јазот Сувалки и инвазија на Литванија. „Тоа дефинитивно беше знак на тревога“, рече претставникот, истакнувајќи дека тоа е и показател за воената супериорност на Русија во регионот.
„Ако ја преземете контролата над јазот Сувалки, тогаш напорите за консолидирање на контролата врз Балтикот ќе бидат поголем предизвик. Ова е можно преку воздух и море, но сите засилувања сега се преку копно. Тоа е сложена тема што сериозно би влијаела на способноста на сојузниците во кризна ситуација“, рече Абукевициус.
Алар Карис, претседателот на Естонија, зборуваше од името на многумина во регионот кога рече дека не мисли дека во моментов има „директна закана за Естонија“, но додаде дека Русија е „опортунистичка, подготвена да ги предизвика Европа и НАТО“.
Еден висок балтички функционер изјави за ФТ дека „најопасното сценарио за нас“ е Русија да изврши ограничени упади, можеби користејќи сепаратисти, на што НАТО веројатно не би реагирало брзо.
Сојузниците на НАТО го уверуваат Балтикот дека е безбеден. Велика Британија, Германија, Норвешка и Данска испратија дополнителни трупи во регионот овој месец како дел од трите меѓународни борбени групи од околу 1.000 луѓе во Естонија, Латвија и Литванија. Соединетите Држави имаат и ротирачки баталјон во Литанија и испратија засилување во базата во Полска. Сепак, балтичките земји сакаат уште војска.
Мик Маран, генерален директор на естонската служба за надворешно разузнавање, рече дека дел од руските војници веројатно ќе остане во Белорусија и по конечното завршување на вежбите.
„Тоа би го намалило времето за подготовка за напад на Балтикот… Ако Русија биде успешна во Украина, тогаш тоа ќе ја поттикне да го засили притисокот врз Балтикот во наредните години“, изјави Маран на прес-конференција минатата недела.
„Треба да користиме некои од тактиките што ги користеа западните земји во Студената војна“, рече Лауринавичиус, литвански консултант за безбедност. Тој тврди дека тоа треба да вклучи зголемување на трошоците за одбрана на Балтикот, постојано присуство на американски војници и засилување на НАТО во регионот.
Естонија, Летонија и Литванија ги зголемуваат трошоците за одбрана на 2,5 отсто од БДП, што е повеќе од целта поставена од НАТО, која изнесува два отсто од БДП.
НАТО постепено го зголемува бројот на војниците во источна Европа, но сè уште е далеку од тоа да може да ѝ парира на руската сила во нејзините западни региони.
Еден висок балтички функционер рече: „Позиционирањето постојани сили како за време на Студената војна е чиста фантазија. Сегашната ситуација можеме да ја подобриме со засилувања, сојузнички трупи на теренот. Сигурната одбрана не се добива со некој голем број војници во Естонија, Латвија или Литванија, туку со квалитетот на опремата.“
Засега, балтичките власти ја гледаат Белорусија загрижено исто како и Украина.
Кремљ вчера не коментираше кога Русија би можела да ги повлече војниците од Белорусија. Вчера, по неговиот телефонски разговор со Владимир Путин, од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштија дека рускиот лидер му рекол дека ќе ја повлече војската кога ќе ги заврши вежбите.
Габриелиус Ландсбергис, министерот за надворешни работи на Литванија, изјави за ФТ дека „сега сѐ е во игра“, почнувајќи од „хибридни провокации, анексија на Белорусија, постојано позиционирање руски војници во таа земја, создавање тензии во близина на коридорот Сувалки“.
„Тешко е да се предвиди исходот и треба да бидеме подготвени за многу можни исходи и да имаме одговори на нив“, рече тој.






