Лидерите на НАТО ја истакнаа својата решеност да ѝ помогнат на Украина со оружје и сите други средства, но не и со испраќање војници или авиони на НАТО, поради страв дека конфликтот ќе се прелее во соседните земји.
Како што изјави за новинарите генералниот секретар Јенс Столтенберг, НАТО ќе им даде поддршка на Грузија и Босна и Херцеговина, со оглед на можните опасности од „руско вплеткување“.
Шефовите на држави или влади на НАТО, меѓу кои беше и американскиот претседател Џозеф Бајден, истакнаа дека Русија во преговорите со Украина мора веднаш да спроведе прекин на огнот и „ја повикаа Русија конструктивно да се вклучи во кредибилни преговори со Киев за да постигне опипливи резултати, почнувајќи од постојан прекин на огнот и постепено повлекување на сите војници од украинска територија“.
Тие ја истакнаа решеноста да се направи сè, заедно со другите светски актери, за да се казни Русија со остри санкции за „обидот да ги уништи темелите на меѓународната безбедност“ и ја повикаа Кина да се воздржи од поддршката на руската војна и да не ѝ помага на Москва да ги заобиколи санкциите.
Лидерите на Атлантската алијанса одлучија да ја зајакнат безбедноста на своите членки во близина на Русија и да распоредат уште четири борбени групи на НАТО во Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка.
Генералниот секретар Јенс Столтенбер изјави за новинарите дека НАТО ќе го зголеми присуството на воени бродови и подморници во морињата во близина на Русија.
Столтенберг на прес-конференцијата подвлече дека НАТО нема да испрати војници или мировни сили во Украина, бидејќи не сака украинскиот воен конфликт со руската армија да се прелее во соседните земји.
Лидерите ги осудија „разурнувачките напади на Русија врз цивилите“ и рекоа дека „ќе работат заедно со меѓународната заедница за одговорните да ги сносат последиците од кршењето на меѓународното и хуманитарното право, вклучително и воените злосторства“.
„Украинците го инспирираа светот со херојскиот отпор кон руската брутална освојувачка војна“, се вели во изјавата на самитот на лидерите на НАТО и се повторува поддршката за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тие посочија дека Украина има право на самоодбрана врз основа на Повелбата на ОН и ставија до знаење дека НАТО „ѝ даде значителна помош на Украина за да може да го искористи тоа право“.
Според генералниот секретар Столтенберг, НАТО обучи десетици илјади украински војници, испорача модерно оружје, вклучително и противтенковски и ракети земја-воздух, како и беспилотни летала, така што украинската армија е многу поподготвена отколку во 2014 година, кога избувна украинската криза.






