По дискусијата во Версај за ситуацијата во Украина, шефовите на држави и влади на Европската Унија изразија солидарност и поддршка за оваа земја, но не донесоа одлука за доделување статус на кандидат за приклучување кон заедницата.
Како што се наведува во завршниот документ на самитот, ЕУ ќе продолжи да ги зајакнува врските со Украина, која „му припаѓа на европското семејство“. Освен тоа, според холандскиот премиер Марк Руте, ќе бидат потребни месеци и години за Брисел да донесе одлука за апликацијата на Киев за членство во ЕУ.
Лидерите на ЕУ, исто така, ветија дека ќе го засилат притисокот врз Русија и Белорусија и најавија подготвеност да воведат дополнителни санкции поради воената операција во Украина.
Како што се наведува во соопштението на самитот, Советот на ЕУ ѝ наложил на Европската комисија да поднесе оценка за апликацијата на Киев за членство во заедницата, но во меѓувреме, Брисел ќе ги зајакне врските со оваа земја. „На 28 февруари 2022 година, искористувајќи го правото на Украина да ја избере сопствената судбина, претседателот на Украина ја поднесе апликацијата на Украина за пристапување во Европската Унија. Советот на ЕУ реагираше брзо и ја покани Европската комисија да го претстави своето мислење за оваа апликација во согласност со соодветните одредби од договорите“, се вели во соопштението. Се истакнува дека ЕУ ќе продолжи да ги зајакнува врските со Украина, која „му припаѓа на европското семејство“.
Во документот се забележува и дека Советот на ЕУ бара од Европската комисија да ги оцени апликациите на Грузија и Молдавија, кои, по Украина, побараа да се приклучат на заедницата. „Советот ја покани Европската комисија да ги претстави своите заклучоци за апликациите на Република Молдавија и Грузија“, се вели во документот.
Премиерот на Холандија Марк Руте по резултатите од првиот ден од самитот, рече дека процесот на разгледување на апликацијата на Украина за членство во ЕУ може да трае со месеци или години. „Сите сме свесни за извонредно тешката ситуација во која Украина е нападната од Русија и сме шокирани од она што се случува“, рече Руте. „Во моментов, апликацијата на Украина за трајно членство во ЕУ се разгледува и е поднесена до Европската комисија. Но ќе поминат месеци или години пред да се донесе одлука“, рече тој.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пак, истакна дека во Европската Унија не може некој да се приклучи преку ноќ. „Има процедура, тоа не се случува преку ноќ. Има договор, член, апликација, Советот на ЕУ испраќа апликација до Европската комисија… Никој не влегува во ЕУ преку ноќ“, рече тој по првиот ден од самитот во Версај.
Европската Унија ќе продолжи да ѝ дава политичка, финансиска и хуманитарна помош на Украина, се вели во соопштението на лидерите на ЕУ. „ЕУ и нејзините земји-членки ќе продолжат да ѝ обезбедуваат координирана политичка, финансиска, материјална и хуманитарна поддршка“, се вели во документот.
Дополнително, Европската Унија ќе продолжи да „покажува солидарност и да обезбедува хуманитарна, медицинска и финансиска поддршка за сите бегалци и за земјите што ги примаат“. „(Русија) мора да обезбеди безбеден и непречен хуманитарен пристап до жртвите и внатрешно раселените лица во Украина, како и да обезбеди безбеден премин за оние цивили што сакаат да заминат“, се вели во соопштението.
Лидерите на ЕУ, исто така, ветија дека ќе помогнат во „обновувањето на демократска Украина“ по завршувањето на непријателствата. „Ние сме посветени да обезбедиме поддршка за обновување на демократска Украина веднаш штом ќе престане руската офанзива“, се вели во коминикето.
Притисок врз Русија и Белорусија
Европската Унија планира да го зголеми натамошниот притисок врз Русија и Белорусија и е подготвена да воведе дополнителни санкции поради ситуацијата околу Украина, се вели во соопштението на самитот. „Решени сме дополнително да го зголемиме притисокот врз Русија и Белорусија. Воведовме сериозни санкции и остануваме подготвени брзо да воведеме нови“, се вели во него.
Во своето соопштение, земјите од ЕУ ги обвинија Русија и Белорусија за напад врз Украина. Тие ја поддржаа одлуката на Меѓународниот кривичен суд да покрене истрага за настаните во Украина.
Покрај тоа, земјите од ЕУ повикаа на обезбедување на нуклеарните централи на Украина со помош на Меѓународната агенција за атомска енергија. „Апелираме веднаш да се осигури безбедноста на украинските нуклеарни централи со помош на Меѓународната агенција за атомска енергија“, се вели во соопштението.
„Бараме Русија да престане со непријателствата и веднаш и без никакви услови да ги повлече војниците и воената опрема од целата територија на Украина“, се вели во коминикето. Исто така, се повикува на „целосно почитување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина во меѓународно признаените граници“.






