Во очигледниот институционален удар на источниот либиски табот на оној во Триполи, парламентот со седиште во Тобрук го именуваше влијателниот поранешен министер за внатрешни работи Фатхи Башага за наследник на Абдел Хамид Дбејбах на должноста претседател на преодната влада.
Дбејбах, предвидувајќи таков резултат на гласањето, повеќе пати даде до знаење дека должноста ќе ја препушти само врз основа на изборните резултати.
Ноќта меѓу средата и четвртокот во Триполи беше пукано во возилото на Дбејбах, јавуваат медиумите, не наведувајќи дали премиерот бил во него. Засега нема официјална потврда на информацијата за пукањето.
Либија падна во голема политичка криза по падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 во која главните региони се борат за превласт и во која се вмешани многу странски играчи.
Земјата во екот на граѓанската војна меѓу 2014 и 2016 година имаше два сопернички премиери – на западот и на истокот на земјата.
По годините оружени судири и поделби, владата на национално единство на Дбејбах беше составена пред една година под покровителство на ОН за да ја води транзицијата до претседателските и парламентарните избори кои предвидени за декември, но потоа беа одложени на неодредено време.
На почетокот на седницата во Тобрук парламентот гласаше и за 14-месечно продолжување на неговиот мандат кој начелно истече во декември.
„Многумина на денешните настани во Либија – поставувањето на нов премиер за консолидирање на некои политички струи – гледаат како на готов чин“, коментираше на Твитер Тарек Мегриси, аналитичар во Европскиот совет за меѓународни врски.
„Станува збор за игра на доверба која трае веќе некое време, а единствената цел е да ги попречи напорите во корист на изборниот процес“, оцени тој.






