недела, 7 декември 2025

Лекорну: Бев подготвен за компромис, но ставот на некои партии беше бескомпромисен

Францускиот премиер во заминување Себастијан Лекорну кој поднесе оставка претходно денес, рече дека бил „подготвен за компромис“, истовремено критикувајќи ја бескомпромисната позиција на политичките партии за време на формирањето на владата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Бев подготвен за компромис, но секоја политичка партија сакаше другата да ја усвои целата нејзина програма“, рече Лекорну во говорот пред палатата Матињон по поднесувањето на оставката.

Тој изрази жал поради партиската пристрасност на некои политички партии искажана за време на формирањето на владата, што не помина глатко, објави телевизијата Бфм. „Секогаш треба да ја ставите својата земја пред својата партија“, рече тој.

Лекорну додаде дека опозицијата е таа што во голема мера одлучува за судбината и иднината, а не само владата.

Тој исто така рече дека политичките партии „се преправаат дека не го гледаат длабокиот раздор“ околу неприменувањето на член 49.3 од францускиот Устав, кој ѝ дозволува на владата да усвои контроверзен закон без гласање.

Лекорну додаде дека новата влада се соочува со „тешка задача, веројатно уште потешка во овој момент“.

Францускиот премиер Себастијан Лекорну ја поднесе својата оставка до претседателот Емануел Макрон порано денес, која тој ја прифати, соопшти Елисејската палата. Лекорну, кој беше назначен за премиер на Франција на 9 септември, стана премиер со најкраток мандат во историјата на земјата со 27 дена на функцијата, објави Бфм.

Оставката дојде помалку од 24 часа откако беше претставена првата фаза од новата влада, во која претежно беа вклучени поранешни министри и блиски соработници на претседателот Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ